Студентите во блокада најавија нов протест на плоштадот Славија во Белград на 23 мај, откако претходните протести на истата локација беа најмасовни во поновата историја на Србија.
„Ова е град во кој нема причина на 23 мај да бидеш сам во него“, напишаа кратко студентите на својот Инстаграм, цитирајќи дел од песната „Град“ на Бајага и Инструктори.
Протестот на плоштадот Славија утре ќе трае од 18 до 20 часот. Во објава на Инстаграм, студентите информираа дека пред митингот, граѓаните ќе се соберат на четири локации, од каде што ќе се упатат кон Славија.

Собирањето е закажано за од 14 до 17 часот на Земјоделскиот факултет во Земун, Правниот факултет, Автокоманда и Плоштадот на Републиката. „Студентите и народот победуваат“, порачаа тие во објавата на социјалните мрежи.
Студентката на Факултетот за политички науки Тара Благојевиќ потсетува на корените на студентското движење – на четирите барања поради кои пред една година излегоа на улиците.
„Тоа не беа само барања, туку принципи што нè обединија, кои покажуваат дека борбата за правда и одговорност стана наша секојдневна реалност. Денес сакаме да покажеме што сме направиле. Не преку ветувања, туку преку конкретни резултати од она што го подготвувавме, бидејќи веруваме дека општеството може да биде праведно и функционално, ако му дадеме план и волја да се менува. Ќе ја покажеме сликата на Србија каква што ја замислуваме, слободна и праведна“, порачува Благојевиќ за српскиот весник „Данас“.
Студентите во блокада ќе ги објават и следните чекори, но засега нема најава за презентирање програма и имиња за нивна изборна листа иако деновиве, тие уште еднаш повторија дека имињата на листата се избрани исклучиво од нив и тоа се луѓе со интегритет кои претходно не биле на функции.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, доцна синоќа објави дека изборите ќе се одржат во периодот „од крајот на септември до средината на ноември“, повторно повикувајќи ги „блокадерите“ на дијалог.
Студентите отпочнаа бран протести во Србија, барајќи одговорност од властите на Српската напредна партија (СНС) за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на реконструираната главна железничка станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година.
Кон крајот на ноември 2024, започнаа блокади на повеќе од 80 факултети на шест државни универзитети како одговор на физичкиот напад од страна на владини претставници врз студенти на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград, додека стоеја на улицата и тивко им оддаваа почит на загинатите.


