Бугарите во недела излегуваат на гласачки места за да изберат претседател во вториот круг од изборите во сенка на војната во Украина, во кој учествуваат актуелната претседателка Илијана Јотова и поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров.
Јотова е поранешна членка на Европскиот парламент од редовите на социјалистите, а Ѓуров е прозападен економист поддржан од либерално-конзервативната опозиција, пишува германската агенција ДПА.
Во првиот круг минатата недела, Јотова заврши на првото место со 34,76 проценти од гласовите, додека Ѓуров беше втор со 31,95 проценти.
Изборите во земјата членка на Европската Унија и НАТО, која се наоѓа на источното крило на двата блока, се во сенка на војната во Украина. Црното Море, со кое се граничи Бугарија, сè повеќе станува сцена на конфликти поради сè почестите напади со беспилотни летала врз трговски бродови. Исто така, во Бугарија беа запалени антени за сателитски интернет Старлинк. Сателитската комуникациска мрежа игра важна улога во одбраната на Украина од руска инвазија.
Вториот круг од изборите веројатно ќе одлучи дали Софија ќе се сврти кон појасна западна ориентација, на што укажува кандидатурата на Ѓуров, или дали Јотова ќе продолжи со порезервираниот став на премиерот и поранешен претседател Румен Радев.
Јотова, поранешна потпретседателка на Бугарија, ја презеде функцијата привремен претседател во јануари откако Радев поднесе оставка за да се кандидира на парламентарните избори. Тој ги доби тие избори со политичка платформа што многу аналитичари ја оценија како блиска до Кремљ. Радев ја поддржува Јотова, а двајцата се залагаат за дипломатско решение на војната.
Со победата на изборите, Јотова би станала првата жена што ја извршува функцијата претседател на Бугарија во историјата на таа земја. Ѓуров е поддржан од прозападните реформистички партии, а тој долго време се залага за поддршка на Украина. За време на неговиот мандат на чело на техничката влада, тој потпиша договор за безбедносна соработка со Киев.


