Актуелната претседателка на Бугарија, Илијана Јотова, со тесна разлика води во првиот круг од претседателските избори и во вториот круг ќе се соочи со Андреј Ѓуров, покажуваат излезните анкети што ги објавуваат бугарските агенции и медиуми.
Јотова, која е поддржана од партијата на премиерот Румен Радев, денеска освоила поддршка од 35,3% од гласачите, додека Ѓуров го поддржале 32,4%, покажуваат резултатите од излезната анкета на „Алфа Рирч“ до 19 часот по локално бугарско време, што ги објави БНТ.
Ѓуров е кандидат поддржан од прозападната опозиција во Бугарија и неговиот влез во вториот круг не е изненадување ако се погледнат анкетите направени во предизборниот период.
Меѓутоа, она што не го предвидоа предизборните анкети е тесната разлика од околу три проценти.
На пример, според „Тренд“ едно од истражувањата на јавното мислење, на Јотова ѝ се предвидуваше поддршка од дури 45,9% додека Ѓуров – 27,8%.
Далеку зад нив, на денешните претседателски избори, според „Алфа рисрч“ се наоѓа Костадин Костадинов со поддршка од 12,6%. По него следуваат кандидатите Радостин Василев – 4,1%, Ивелин Михајлов – 3,5% и Иван Христанов – 2,2%.
Според агенцијата, излезноста на гласачите била само 22,3% до 19 часот.


