Десетици демонстранти со качулки запалија неколку канти за отпадоци пред Министерството за образование во Тирана и фрлаа калдрма кон полицијата на почетокот на новите демонстрации на кои повикаа студентите барајќи оставка од премиерот Еди Рама, објави агенцијата АФП.
Оваа балканска земја, која има 2,3 милиони жители и ја води социјалистот Еди Рама од 2013 година, со месеци е потресена од протести против неговата влада, кои се претворија во жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите на улиците на албанскиот главен град кон средината на октомври.
На почетокот, неколку стотици демонстранти мирно демонстрираа пред Министерството за образование, почетната точка на речиси секојдневните демонстрации, скандирајќи „Рама, оставка!“ и „Нема Албанија без млади!“
Потоа десетици млади со качулки ја презедоа водечката улога па почнаа да фрлаат калдрма од тротоарот кон полицијата, откако претходно запалија неколку канти за отпадоци.
Засега, полицијата издава предупредувања и се заканува дека ќе интервенира. Голем број полицајци за итни случаи се распоредени во близина на зградата на министерството, а има и воден топ.
Антивладините протести започнаа во мај со отфрлање на контроверзен проект за туристички недвижности на албанскиот брег во корист на соработници на американскиот претседател Доналд Трамп.
Гневот оттогаш се прошири и на обвинувања за корупција. И студентското движење без лидер ги осудува недостатоците во здравствениот систем, како и отсуството на каква било перспектива за младите луѓе.
Во раните денови на насилните демонстрации, во средината на октомври, демонстрантите запалија или оштетија дел од јавните згради, вклучувајќи неколку министерски згради и судница, како и бројни продавници.
„Досега се повредени речиси 350 лица, меѓу кои приближно 200 полицајци, 100 демонстранти и 40 минувачи“, изјави албанскиот министер за внатрешни работи, Ервин Демо.
Тој го осуди присуството на „малолетници кои беа манипулирани од организаторите и ставени на првите линии на нападите и насилството“ во овие протести. Според него, досега за време на протестите биле уапсени 269 лица под 18 години.
Во среда, владата го заостри својот став кон демонстрантите со воведување казни до 5.500 евра за насилните демонстранти.


