Нови судири во Тирана, со водени топови растурени студентските протести

Објавено:

Студентските протести во Тирана денеска, 24 октомври, повторно прераснаа во судири со полицијата. На протестите им се приклучи и опозицијата, која бара техничка влада. Дел од демонстрантите фрлале камења кон Министерството за образование, по што полицијата испукала гумени куршуми, употребила солзавец и водени топови за да ги растераат, известува албанскиот весник „Панорама“. Учесниците продолжуваат да бараат оставка од премиерот Еди Рама и го одбиваат неговиот повик за дијалог, јавува албанскиот портал „Панорама.ал“.

По интервенцијата пред Министерството, демонстрантите продолжиле по булеварот „Дешморет е Комбит“ кон премиерската зграда. Телевизијата „Сири“ известува дека учесниците останале на булеварот и не се разотишле по полициската акција.

Претходно, пред седиштето на премиерот, демонстранти ги запалиле перниците поставени околу камена маса, на местото што Рама го предвидел за разговор со студентите.

Албанскиот портал „Панорама.ал“, објави и видеоснимка, при што наведува дека учесниците ги земале заштитните перници што беа поставени пред влезот на зградата на премиерот и запалени на плоштадот. Ова е 12 ден од протестите на студентите против Рама. Протестите започнаа на 13 октомври.

Protesti Tirana izvor. panorama.com.al
Протести Тирана, извор panorama.com.al

Опозицијата се приклучи на протестите

На студентите им се приклучија и претставници на опозицијата. Потпретседателот на Демократската партија, Белинд Келичи, изјавил дека нивното учество е насочено кон заминување на Рама и формирање техничка влада, пренесува „Панорама.ал“.

Рама, пак, денеска обвини дека зад насилниот дел од протестите стојат организиран криминал и странско влијание. Според неговата изјава, која ја пренесува „Панорама“, целта на тие групи била дестабилизација на земјата. Премиерот рече дека се водат истраги, но во објавениот извештај не се приложени независни докази што ги потврдуваат неговите обвинувања.

Во истото обраќање, Рама призна дека проблемите со кои се соочуваат студентите, младите и семејствата се легитимни и бараат решенија. Сепак, тој порача дека тие не го оправдуваат насилството.

Протестите се одвиваат наспроти незадоволството од условите во образованието, школарините, недостигот од работни можности и обвинувањата за корупција. Ројтерс претходно извести дека студентските демонстрации од Тирана се прошириле и во други градови, додека Рама ги отфрлил барањата да поднесе оставка.