Студентите во Тирана најавија нов протест пред парламентот за утре, 22 октомври, во 9 часот, откако денешниот, деветти ден од антивладините демонстрации, по повеќечасовни мирни собири во текот на денот премина во ноќ со нови инциденти во вечерните часови.
Репорт ТВ известува дека собирот пред Министерството за образование траел околу час и половина без напади, а и по преместувањето пред Владата протестот неколку часа се одвивал мирно. Во вечерните часови, меѓутоа, дел од демонстрантите фрлале молотови коктели и камења кон владината зграда и околните деловни објекти. Полицијата употребила воден топ за да ги растера. Според медиумот, инцидентите биле поретки и со помал интензитет отколку во претходните денови.
Дел од учесниците запалиле и еден од столовите поставени пред Владата. Репорт ТВ го поврзува овој потег со одбивањето на повикот за дијалог на Рама, кој втор ден по ред поставил столови пред зградата. Во истиот извештај, еден демонстрант изјавил дека разговорите со студентите и професорите треба да се водат на вистинска средба во кабинетот на премиерот.
Барањето за оставка на премиерот Еди Рама и натаму е во центарот на протестите, на кои им се придружуваат и универзитетски професори, објави Балканвеб/њуз24.
Демонстрантите денеска се собраа пред Министерството за образование, а потоа маршираа кон владината зграда. Албанските медиуми известуваат дека учесниците скандирале „Рама, поднеси оставка“, продолжувајќи со притисокот за заминување на премиерот.
Паралелно со протестите продолжуваат и судските постапки за приведените. Според информациите кои ги објави Топ Ченел 22 лица кои беа приведени за време на немирите во изминативе денови, денеска биле пуштени на слобода со мерки за претпазливост што значи обврска редовно да се јавуваат кај надлежните органи. Според истиот извештај, на 20 октомври биле приведени уште 17 демонстранти.
Вечерва демонстрантите од просторот пред Владата се упатиле кон плоштадот „Скендербег“. Оттаму бил упатен повикот следниот собир да се одржи пред парламентот, каде за утре е предвидена седница. Според известивањето на албанските медиуми, студентите и граѓаните ја бараат оставката на Рама, обвинувајќи ја неговата влада за корупциски скандали.


