Судија во Ново Мексико на 21 октомври ѝ нареди на компанијата Мета (Meta Platforms ) која ги поседува социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм да плати оштета од 25 милијарди долари, откако судската порота утврди дека компанијата ги довела потрошувачите во заблуда. Станува збор за случај кој произлезе од обвинувањата дека политичка консултантска фирма вклучена во претседателската кампања на Доналд Трамп во 2016 година добила податоци од милиони корисници на Фејсбук без нивна согласност.
Главниот обвинител на Ново Мексико, Раул Торез, изјави дека ова е една од најголемите, ако не и најголемата поединечна пресуда на ниво на сојузна држава против оваа компанија во американската историја.
„Погрешните постапки на Фејсбук, кои траеја со години и беа систематски емитувани во јавноста, одат во срцето на основните деловни практики на Фејсбук“, напиша судијата Франсис Метију во своето образложение на пресудата. Тој посочи дека законски е оправдана казна од над 219 милијарди долари, но ја намали конечната цифра на 25 милијарди долари.
Портпарол на компанијата Meta не одговори веднаш на барањето за коментар. Компанијата претходно изјави дека казната во висина од милијарди долари ризикува да ги прекрши нејзините уставни права на правична судска постапка (due process) и заштита од прекумерни казни.
Казната е најголемата изречена против технолошкиот гигант по скандалот со Кембриџ Аналитика (Cambridge Analytica). Во 2019 година, компанијата беа казнета со казна од 5 милијарди долари од страна на Федералната трговска комисија на САД, која произлезе од истиот скандал.
Шест други сојузни држави ги порамнија своите тужби поврзани со Кембриџ Аналитика за 459,2 милиони долари како дел од порамнување меѓу повеќе сојузни држави во вредност од 17,1 милијарди долари, кое Meta го постигна во август за да ги разреши тврдењата на државите дека платформите на компанијата му наштетиле на менталното здравје на тинејџерите.
Тужбата беше поднесена пред пет години
Главниот обвинител на Ново Мексико ја тужеше Мета во 2021 година по откритијата дека Кембриџ Аналитика собрала лични податоци од дури 87 милиони корисници на Фејсбук преку апликација од трета страна. Државата ја обвини Мета дека ги лажела корисниците на Фејсбук во Ново Мексико за тоа кој има пристап до нивните податоци, како компанијата постапува со говорот на омраза и дезинформациите објавени на платформата, како и за други внатрешни политики.
Државата наведе дека компанијата знаела оти трети страни имаат широк пристап до личните податоци на корисниците и толерирала говор на омраза или друга штетна содржина кога тоа му користело на профитот на компанијата.
Кембриџ Аналитика, која сега е во стечајна постапка, работеше за на успешната претседателска кампања на Трамп во 2016 година и доби пристап до личните информации од милиони сметки на Фејсбук со цел профитирање и насочување кон гласачите. Тие информации ги добиле без согласност на корисниците од истражувач на кој Фејсбук му дозволил да постави апликација на својата социјална мрежа.
„Дојде време да се побара одговорност од Големиот технолошки сектор (Big Tech)“, изјави Торез на прес-конференција во Албакере по одлуката во средата.
„Мислам дека денешната пресуда е јасно раскинување со тоа минато и многу јасно предупредување до овие субјекти и пошироко дека имаме намера да го заштитиме нашиот народ и да ги заштитиме нашите потрошувачи“, гордо додаде тој.
Гил Лурија, шеф на технолошки истражувања во D.A. Davidson & Co, кој иако ја нарече пресудата скапа, посочи дека малку веројатно е дека ќе влијае врз вредноста на компанијата.
„Meta вреди скоро два трилиони долари и веројатно ќе продолжи да се жали на овие случаи и да ги одолжува“, рече Лурија.


