Вкупниот долг на граѓаните кон банките, заклучно со септември повторно расте, покажуваат податоците од Народната Банка. Според нив, во просек долгот изнесува по најмалку 2.700 евра на секој жител. Македонските граѓани само по основ на кредити и позајмици должат сума од 4,93 милијарди евра, која е приближно на ниво на две третини од целокупниот годишен државен буџет на Република Северна Македонија.
Овие податоци од Народната Банка ја отвораат темата за сериозноста на презадолженоста пред стартот на новите рестриктивни мерки на Народната банка од 1 декември.
Ако долгот од 4,9 милијарди евра се пресмета рамномерно по глава на жител (земајќи го предвид само резидентно население од околу 1,81 милион жители), секој граѓанин во државата, без разлика на возраста, формално „должи“ приближно 2.723 евра само по основ на банкарски кредити и позајмици.
Кога на ова ќе се додаде и долгот на компаниите од 4,90 милијарди евра, заедничкиот долг на македонската економија и граѓани достигнува вкупно 9,87 милијарди евра, додека вкупните депозити во банкарскиот систем тежат 11,15 милијарди евра.
- Каде се задолжуваат граѓаните најмногу?
На годишно ниво, вкупниот долг на домаќинствата бележи раст од 12,7%. Според податоците од Народна банка, граѓаните најмногу се задолжуваат за имот, станбените кредити бележат скок од 16 проценти. Втори на ранг листата се потрошувачките кредити со годишен раст од 12,4% и месечен од 1,1%.
Трет на листата економски проблеми на граѓаните се негативни салда на тековни сметки. Тие се зголемени се за 5,8% на месечно ниво, што сведочи за секојдневните празнини во семејните буџети.
Наспроти нив, пад е забележан кај автомобилските кредити и минусните салда на кредитни картички.
Од 1 декември стапуваат новите правила
Високата и забрзана задолженост, особено кај станбените кредити, ја принуди Народната банка да преземе превентивни мерки кои почнуваат да важат од 1 декември.
Станува збор за строги ограничувања на рокот со кои рокот за стандардни станбени кредити за второ или дополнително живеалиште, максималниот рок на отплата се намалува од 30 на 25 години, додека за хипотекарните кредити се скратува на 15 години (условите остануваат поволни, до 30 години само за оние кои првпат купуваат сопствен дом).
Се намалува и таканаречениот банкарски ДСТИ показател. „ДСТИ е процентен показател кој покажува колку од месечната плата на еден граѓанин се троши за исплата на кредитните рати, при што новите правила на Народната банка утврдуваат овој дел да не надминува 45% за денарски и 40% за девизни кредити за месечна рата од платата на клиентот кој се задолжува.
Штедењето како противтежа
И покрај кредитното оптоварување, граѓаните остануваат склони кон штедење. Депозитите на домаќинствата достигнаа 7,50 милијарди евра, при што од Народната банка посочуваат дека месечниот раст главно се должи на зголемените орочени депозити, бидејќи граѓаните сè повеќе бараат сигурност во услови на неизвесност.


