Скопјанец со бруто месечна плата од 190 илјади евра

Објавено:

Речиси 190.000 евра месечно во бруто износ е највисоката плата која е исплатена во минатата 2025 година, покажува извештајот на Управата за Јавни Приходи (УЈП). Станува збор за плата исплатена во секторот вадење камен јаглен.

На годишно ниво таа надминува 2,2 милиони евра и е за околу 2% повисока од ланската највисока плата.

Петте највисоки плати во Македонија се над 2 милиона евра годишно во бруто износ и сите се исплатени во Скопје. Станува збор за плати поделени во секторите Аптеки, трговија со тутун, храна и пијалаци, болници и трговија со фармацевтски производи.

Најмногу пари надвор од плата, како дополнителен приход пријавил скопјанец кој лани инкасирал речиси 2 милиона евра бруто на годишно ниво.

Најмногу приходи од дивиденда пријавил гевгеличанец кој лани земал над 4 милиони евра. Слична сума пријавил и охриѓанец.

За 2025 година, УЈП изготвила претпополнети годишни даночни пријави за околу 863 илјади граѓани, со вкупен бруто-доход од 612,9 милијарди денари и пресметан данок на личен доход од околу 39,8 милијарди денари.

Најголемата група ја сочинуваат 638 илјади граѓани, односно приближно две третини од даночните обврзници, со годишен бруто-доход од 100 илјади до еден милион денари.

Посебно внимание привлекува највисокиот доходовен праг. Во 2025 година, 31 граѓанин остварил годишен доход над 100 милиони денари, со вкупен износ од 4,973 милијарди денари. Во 2024 година, во оваа група имало 42 граѓани со вкупен доход од 6,753 милијарди денари.

Значи, во највисокиот доходовен праг има намалување и на бројот на лица и на вкупниот остварен доход, се вели во извештајот на УЈП.