Глобалната дигитална инфраструктура се соочи со сериозна закана откако беа откриени две критични ранливости во програмскиот јазик PHP, што доведе до итно превентивно исклучување на владини и јавни веб-страници ширум Европа и мобилизација на меѓународните агенции за кибер-безбедност. Први со реакција беа Холандската, француската, данската и финската влада кои ги исклучија своите веб страници поради слабости и ризик од хакерски напади.
Институциите ги исклучуваат сајтовите превентивно, додека администраторите ги поставуваат безбедносните поправки, пренесува новинската агенција Ројтерс.
Американското Федерално истражно биро и Агенцијата за национална безбедност предупредија дека пропустите би можеле да им овозможат на напаѓачите од далечина да извршуваат код, загрозувајќи чувствителни податоци и компјутерски мрежи. Според новинската агенција Асошиејтед прес, препораката е засегнатите веб страници привремено да се исклучат ако не можат веднаш да се ажурираат.
Во Холандија, меѓу повлечените веб страници се владиниот сајт, веб страниците на пристаништето во Ротердам и неколку болници. Во Данска беа исклучени повеќе услуги, вклучително и националната платформа за училишна комуникација. Финска превентивно повлече јавни владини мрежни услуги, а Франција привремено исклучи страници на локалната администрација, наведува Ројтерс.
PHP работи „зад сцената“, тоа значи дека кога корисникот отвора страница, серверот го користи за да ја подготви содржината што ја прикажува прелистувачот. На него се потпираат и популарни платформи како WordPress, Drupal и Joomla.
„Вашингтон пост“ пишува дека истражувачите ја откриле слабоста со помош на вештачка интелигенција.
Со предупредувањата од технолошките фирми дека некои хакери веќе ги експлоатираат пропустите, владините агенции низ Европа беа меѓу оние што ги исклучија своите веб-страници како мерка на претпазливост. Бидејќи начинот на закрепнување е веќе јавен, а алатките за вештачка интелигенција се способни лесно да ја реконструираат грешката, експертите велат дека се подготвуваат за бран упади додека хакерите брзаат да ги претекнат ажурирањата. Ројтерс пренесува и предупредување од Wordfence дека автоматското ажурирање на WordPress нема само по себе да ја постави потребната поправка за PHP.


