Макрон му возврати на Трамп: „Глупави“ обвинувања за немирите

Објавено:

Франција се подготвува за нови протести против високите животни трошоци, додека претседателот Емануел Макрон ги обвини странските лидери дека ги користат немирите за сопствени политички цели. Меѓу нив го посочи и американскиот претседател Доналд Трамп, кој го поврза насилството со мигрантите, пренесува новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

Говорејќи во Катар, Макрон ги оцени коментарите на дел од странските лидери како „неприфатливи“ и „глупави“. На прашањето дали мисли на Трамп, одговори: „Меѓу другите“.

АП наведува дека Трамп, без да приложи докази, ги обвинил муслиманските мигранти за немирите и побарал од Макрон да ги затвори границите. Макрон предупреди и на слики создадени со вештачка интелигенција што прикажуваат настани кои, според него, не се случиле во Франција, пишува „Гардијан“.

Политичката пресметка меѓу светските лидери се одвива во пресрет на нова мобилизација на улиците на Париз. Според новинската агенција Ројтерс, студентскиот синдикат УНЕФ повика на собири во сабота, а работничкото движење „жолти елеци“ пријави марш низ центарот на Париз. Движењето, кое стана влијателно во 2018 година, повторно се мобилизира во услови на незадоволство од животниот стандард.

Макрон најави дека властите ќе спречат повторување на минатонеделното насилство. Протестите поради скапотијата и состојбата со јавните услуги беа проследени со немири и грабежи, што ја зголеми загриженоста за безбедноста пред следните собири, пренесува Ројтерс. Макрон најави дека во четврток ќе се сретне со претставници на разузнавачките служби и високи владини функционери за да разговараат за кризата.

„Оние што сакаат да предизвикаат нереди во градските центри следната сабота ќе бидат спречени“, им изјави Макрон на новинарите за време на посетата на Катар, каде што настојува да обезбеди енергетски договори додека Франција се соочува со раст на цените на горивата.

Разговорите меѓу владата и синдикатите засега не донесоа смирување на социјалните тензии. Ројтерс објави дека синдикатите остануваат на најавата за генерален штрајк на 5 ноември, со барања поврзани со високите животни трошоци и кратењата во јавните услуги.