Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс оцени дека имиграцијата е одговорна за насилството за време на протестите во Франција.
Тој ги обвини опозициските демократи дека сакаат исто сценарио и во Соединетите Американски Држави.
„Западните прогресивци го увезоа третиот свет во Франција и во други земји во име на различноста и сочувството. Ги занемарија основните прашања за асимилацијата и компатибилноста. Беа предупредувани дека ќе заврши вака, но не послушаа“, напиша Венс на социјалната мрежа Икс.
Републиканскиот политичар и американски потпретседател ја коментираше видеоснимката на која се гледа пожар во зградата на градското собрание во Лимож.
„Се молам Франција, прекрасна земја со прекрасно население, да го запре ова лудило пред да изгорат уште споменици“, напиша Венс.
Венс, за кого се шпекулира дека би можел да биде кандидат на претседателските избори во 2028 година, ја поврза ситуацијата во Франција со изборите за американскиот Конгрес, закажани за 3 ноември, пред кои републиканците не стојат добро во анкетите.
„Се надевам дека Американците обрнуваат внимание. Тоа е иднината што демократските претставници ја посакуваат за нашата земја“, напиша тој, коментирајќи ги насилните протести во Франција.
Венс, 42-годишен конзервативец, често ги критикува европските имиграциски политики, кои ги смета за премногу попустливи.
Француската полиција уапсила 1.200 лица за време на насилствата на протестите што се одржаа низ целата земја во саботата, соопшти премиерот Себастијан Лекорни.
Тој додаде дека биле повредени 150 полицајци и припадници на жандармеријата.


