Литванија изутринава ги повика жителите на централните и северните делови на земјата да се засолнат поради неидентификуван летечки објект, соопштија литванската војска и Националниот центар за управување со кризи.
Борбени авиони на воздушната патрола на НАТО биле испратени во областа, а аеродромот во Каунас бил затворен околу еден час откако било издадено црвено предупредување за воздушниот простор, соопшти центарот.
Летонија, северниот сосед на Литванија, издаде жолто предупредување за воздушниот простор во неколку региони долж границата со Литванија, наведувајќи можна закана, соопшти летонската војска.
Во меѓувреме, по околу еден час, предупредувањата во двете земји биле укинати, јави Ројтерс.
И полската војска денеска извести за можно нарушување на воздушниот простор на земјата.
Засега нема потврда дека неидентификуваниот објект навлегол во полскиот воздушен простор, соопшти војската на социјалната мрежа Икс.
Полската војска соопшти дека распоредила копнен тим за пребарување и спасување во јужниот дел на регионот Лублин. Тимот ја пребарува областа во потрага по можното место на падот на објектот.
Украински беспилотни летала во изминатите месеци во повеќе наврати навлегоа во воздушниот простор на земјите од НАТО во балтичкиот регион.
Киев соопшти дека украинските дронови отстапиле од предвидената траекторија поради руското попречување на сигналите.
Тоа предизвика загриженост дека руската војна во Украина се прелева преку границите на НАТО.


