Полицијата употреби солзавец и палки против демонстрантите во француските градови Париз, Лион и Стразбур за време на националниот ден на протести против високите трошоци за живот, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Туристичкото биро во францускиот град Лион било запалено за време на протестите.
Во Марсеј, демонстрантите се обиделе насилно да влезат во полициска станица и ограбувале продавници, соопшти Министерството.
Според податоците на париската полициска префектура, околу 100 лица биле уапсени поради носење оружје и други забранети предмети.
До пладне, Министерството за внатрешни работи регистрирало 140 протестни активности низ целата земја, на кои учествувале 32.800 луѓе. До тој момент, на национално ниво биле уапсени 166 лица, соопшти Министерството.
Студенти, синдикалци и преостанати припадници на движењето „Жолти елеци“ се обединија за да го изразат незадоволството од високите цени и сè понестабилниот француски општествен модел.
Првиот бран протести започна минатиот месец во средните училишта во сиромашните северни предградија на Париз.
Незадоволството поради недостигот од наставници и дотраените училишни објекти брзо прерасна во национално движење против нееднаквоста, недоволното финансирање на јавните услуги и падот на животниот стандард.
Протестите се одржуваат во тежок период за Франција, додека претседателот Емануел Макрон влегува во завршната фаза од својот претседателски мандат, оставајќи зад себе поларизирано гласачко тело и расцепкана домашна политичка сцена. Макрон повика на смиреност.
„Правото на протест и слободата на изразување се уставно загарантирани, но тие подразбираат и одговорност и почитување на луѓето и нивниот имот. Затоа повикувам на смиреност и на мирни, одговорно организирани протести. Насилството, уништувањето имот и предизвикувањето немири се неприфатливи“, изјави Макрон.


