Речиси 25.000 граѓани досега се пријавиле за вакцинација против сезонски грип преку интернет-страницата vakcinacija.mk, покажуваат податоците од системот „Мој термин“. Вакцинацијата се очекува да започне во периодот од 16 до 25 октомври, информираат од Министерството за здравство за МИА.
Првите 30.000 дози се од вакцината GCFLU Multi inj., произведена од корејската компанијата GC Biopharma Corporation.
Станува збор за тривалентната вакцина GC Biopharma – Influenza Vaccines за 2026 година, која е одобрена од Светската здравствена организација и ги исполнува строгите критериуми за квалитет, појаснуваат од Министерството.
„Првата пратка вакцини е обезбедена преку заем во рамките на меѓународната соработка со соседните држави, во овој случај преку УНИЦЕФ/Албанија“, наведуваат од Министерството.
Дополнителни 26.000 дози вакцини против грип од компанијата „Санофи“ се очекува да пристигнат до 15 ноември, додека разговорите за обезбедување на преостанатите 24.000 дози се во тек.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека приоритет при вакцинацијата ќе имаат возрасните над 65 години сместени во институции, поради поголемиот ризик од појава на епидемија во такви услови. Останатите ризични групи ќе бидат опфатени согласно проценката на Комисијата за имунизација.
„Приоритет прво имаат возрасните над 65 години згрижени во институции, заради институцискиот карактер и поголемиот ризик за епидемија во микро-услови, и другите ризични групи ќе бидат опфатени според проценката на Комисијата. Значи, во основа сите активности што се организирани во минатото ќе бидат организирани и сега. Нема да има никаква отстапка во начинот на работа и методологијата“, рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање.
Комисијата за имунизација ќе ги утврди приоритетните групи, а вакцинацијата ќе се спроведува според досегашната методологија.


