Полицијата апси членови на Торцида, осуди за навивачките инциденти во Сплит

Објавено:

Натпреварот меѓу Хајдук и холандскиот Ајакс тешко дека ќе остане запаметен по победата на Хајдук, пред сè поради инцидентите на навивачите пред дуелот на двата клуба.

Хрватската полиција денеска во Сплит уапсила неколку лица кои се поврзуваат со навивачката група Торцида.

Во групата на навивачите на Хајдук вчера се слушале скандалозни антисемитски извици и пораки со кои се величело усташтвото.

Групи навивачи на Хајдук, движејќи се низ Сплит, скандирале „Газете ги, газете ги Евреите“, „Аушвиц, Аушвиц“ и „Стани, Адолф“.

Десетина минути пред крајот на натпреварот, Торцида со факели и пиротехнички средства го прекинала мечот на повеќе од десет минути, поради што се заканувало и негово целосно прекинување.

Градоначалникот на Сплит, Томислав Шута, ги осуди инцидентите кои ги предизвика навивачката група Торцида, порачувајќи дека таквите извици се неприфатливи и недозволиви во Сплит.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ги осуди инцидентите што се случија во Сплит пред натпреварот меѓу Хајдук и Ајакс, особено пораките што ги оцени како антисемитски.

Тој порача дека очекува полицијата да утврди кои лица ги извикувале неприфатливите пароли и да поднесе пријави, а судовите соодветно да реагираат.