Воените капацитети на НАТО очигледно ги надминуваат оние на Русија, изјави американскиот генерал Алексус Гринкевич, врховен командант на одбранбената алијанса, за германскиот неделник „Шпигел“.
Во интервју објавено денеска, Алексус Гринкевич вели дека воените капацитети што Алијансата би ги користела во случај на голем конфликт „далеку ги надминуваат оние на Москва“.
Тој истакна дека Русија нема модерни борбени авиони Ф-35, ниту пак има голем број модерни уништувачи или подморници како што има НАТО. Генералот исто така изрази верување дека Русија нема да започне конвенционален напад од големи размери врз Европа.
Рускиот претседател Владимир Путин прибегнува кон други методи, како што е саботажа, бидејќи нема други опции, тврди тој и додава дека Путин не сака директен конфликт.
Ова е резултат на конвенционалното одвраќање, рече Гринкевич, нагласувајќи дека овој механизам треба да се одржува, а истовремено да се модернизираат вооружените сили во рамките на НАТО, да се спроведува обемна обука и да се демонстрираат капацитети.
На прашањето дали е соодветно руските дејствија да се нарекуваат „војна во сенка“, генералот вели дека терминот „хибридни напади“ е премногу нејасен.
„Мора да ги наречеме работите со нивното вистинско име: саботажа, палење или терористички напади се прецизни термини кои бараат јасни одговори“, рече тој. На прашањето дали Европа веќе е во војна со Русија, Гринкевич одговори дека Путин игра „опасна игра“.
„Тој сака да ги убеди нашите граѓани дека давањето поддршка на Украина е опасно и дека тоа може да доведе до војна со Русија. За среќа, таа стратегија засега не дава резултати“, рече американскиот генерал.
Осврнувајќи се на неодамнешните закани од Москва, според кои изолацијата или нападот врз руската енклава Калининград би довел до војна, Гринкевич нагласи дека НАТО е одбранбен сојуз и ќе дејствува само во случај на напад.
„Затоа, Русија не треба да се грижи за Калининград“, додаде тој.
Но, како војник, тој вели дека можел да види дека Русија во Калининград била ослабена од војната во Украина, додека НАТО во Балтикот станал посилен.
„Ситуацијата таму е воено неповолна за Русија“, рече Гринкевич и додаде дека вежбите на НАТО на источното крило се рутински и дека Алијансата внимава да избегне сè што би можело да се протолкува како агресија.


