Туск: Русија планира напади врз НАТО сојузниците кои ја поддржуваат Украина

Објавено:

Полскиот премиер Доналд Туск денеска изјави дека според процените на разузнавачките служби, Русија планира хибридни напади со дронови и ракети врз земјите што ја поддржуваат Украина, меѓу кои и Полска, објавија повеќе западни медиуми.

Тој истакна дека постои „реален ризик“ дронови и други проектили да навлегуваат на територијата на една или повеќе земји-членки на НАТО, дури и да предизвикаат штети. Според Туск, Москва тоа би го опишала како случајни инциденти за да го обесхрабри НАТО да одговори, пренесe Блумберг.

Полскиот премиер потенцира дека зборува за сценарио засновано на моментално достапни информации, а не за евентуален развој на настаните, објави Ти-Ви-Пи Ворлд.

Пред говорот на Туск, слични предупредувања пред парламентот изнесе и заменик-министерот за одбрана Цезари Томчик.

„Сојузничките служби и нашето разузнавање со месеци предупредуваат за можноста за ескалација и закани кон Полска“, наведе Томчик, додавајќи оти се можни саботажи, насочување ракети и беспилотни летала кон полска територија и нарачување атентати.

Според Томчик ескалацијата на руските активности кон земјите што ја поддржуваат Украина е планирана со цел да се ослабне украинската економија и способноста на Киев да ја продолжи војната, но и да се продлабочат поделбите во НАТО и Европската Унија и да се заплашат европските општества.

Русија ги отфрла обвинувањата дека стои зад саботажи и други хибридни напади во Европа. Од НАТО претходно соопштија дека Русија ги засилува хибридните активности во Европа, но оттаму исто така беше посочено дека не гледаат непосредна закана од воен напад.

Последни објави