Шефот за сајбер-безбедност во Белата куќа, Шон Кернкрос, е отстранет од својата функција, неколку дена откако сериозни технички проблеми ги погодија американскиот воздушен сообраќај, банкарскиот сектор и системите за национална безбедност, изјави лице блиско до Белата куќа.
Кернкрос беше задолжен за надгледување на политиката и стратегијата за сајбер-безбедност во рамките на федералната влада.
Според извор на Ројтерс, Кирстен Дејвис, главен службеник за информатички технологии во Министерството за одбрана, привремено ќе ја преземе оваа улога.
„Претседателот целосно ја поддржа одлуката за отстранување на Шон Кернкрос“, изјави лице блиско до Белата куќа, кое сакаше да остане анонимно.
Кернкрос одби да го коментира своето заминување.
Администрацијата на Трамп се соочи со критики поради начинот на кој реагираше на серијата технолошки прекини во текот на изминатата недела.
Висок претставник на американските разузнавачки служби во средата изјави дека прекините во критичните системи претставувале одделни технички дефекти поврзани со одржување и промени во системите, а не координиран напад или напад спонзориран од држава.
Претходно, медиумите објавија дека Кернкрос ја напушта функцијата, а порталот „Аксиос“ (Axios) наведе дека тој си заминува во добри односи со администрацијата.
Ова е уште едно заминување од администрацијата на Доналд Трамп по поразите на Републиканците на овомесечните избори на средината на мандатот, откако на 5 ноември оставка поднесе шефицата на кабинетот во Белата куќа, Сузи Вајлс.


