Најголеми руски напади врз мостови во Киев, има загинати и ранети

Објавено:

Руски балистички ракети погодија три моста над реката Дњепар во Киев, при што загинаа три лица, соопшти денеска градоначалникот на украинската престолнина, Виталиј Кличко.

Станува збор за најголеми напади врз сообраќајните мостови што ги поврзуваат левиот и десниот брег на Киев од почетокот на војната.

Поради нападите, дел од сообраќајниците се затворени или сообраќајот на нив е ограничен, што го отежнува движењето на жителите на градот со околу три милиони жители, кои секојдневно ги користат шесте главни мостови.

Во нападите загинале три лица, а околу 15 се повредени, додаде Виталиј Кличко. Избувнале и пожари, а оштетени се критична инфраструктура и објекти.

Нападите следуваат откако рускиот претседател Владимир Путин вети силен одговор на украинскиот напад врз мостот што ги поврзува Русија и Крим, кој Украина го погоди по третпат оваа недела.

Уште пет лица се повредени во Дњепропетровската област, откако беспилотни летала погодиле станбени згради, додека четири лица се повредени во Харков, вториот по големина украински град, откако руски дронови погодиле болница.

Едно лице е повредено и во напад со дрон врз трамвај во Запорожје, објавија локалните власти на Телеграм.

Русија и Украина, кои се во петтата година од војната, ги отфрлаат обвинувањата дека намерно напаѓаат цивили.

Нападите следуваат откако европските сојузници вчера предупредија дека нема да прифатат обиди за постигнување мировен договор без нивно учество, откако американскиот претседател Доналд Трамп, на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, го нарече рускиот претседател Владимир Путин свој пријател.