Компанијата за вештачка интелигенција Антропик (Anthropic), која стои зад асистентoт Клоуд (Claude), го имаше своето берзанско деби (на Nasdaq) под ознаката „ANT“, откако претходно реализираше најголема иницијална јавна понуда (ИПО) во историјата.
Акцијата отвори на 111,50 долари, што е за 34 % повисоко од цената од 83 долари по акција. Со оваа цена, целосно „разводнетата“ пазарна вредност на Антропик (Anthropic) се искачи на околу 2 илјади милијарди долари, во споредба со процената од околу 1,5 трилиони долари утврдена со понудата. При последователно тргување околу 102 долари за акција, вредност се движеше околу 1,85 илјади милијарди долари, со што компанијата се позиционираше пред гиганти како Meta и Tesla.
Рекорден прилив на капитал
Според податоците што ги пренесува CNN Business и анализите на Renaissance Capital, Anthropic во основната понуда собра 81,34 милијарди долари, надминувајќи ги 75-те милијарди долари што ги собра SpaceX во јуни 2026 година.
Покрај основниот прилив, компанијата има обезбедено и приватен пласман од 26 милијарди долари од технолошки компании, со што собраниот капитал достигнува 107,3 милијарди долари. Доколку банките организатори ја искористат и опцијата за продажба на дополнителни 147 милиони акции, вкупниот износ би можел да достигне 119,5 милијарди долари.
Основан во 2021 година од поранешни истражувачи на OpenAI, Anthropic за помалку од шест години изгради силно присуство во корпоративниот сектор. Според регулаторните извештаи, бројот на деловни клиенти со годишен приход од 100.000 долари или повеќе за една година пораснал од околу 950 на над 11.900, а заклучно со 30 септември компанијата евидентирала вкупно 14.000 деловни корисници, вклучувајќи ја употребата на алатката Claude Code од страна на софтверски развивачи и инженери на NASA.
Пред огласувањето на ѕвоното за почеток на тргувањето, основачите Дарио и Даниела Амодеи ги истакнаа можностите на вештачката интелигенција во медицината и образованието, но и потребата од безбедносни ограничувања. Извршниот директор Дарио Амодеи претходно посочи дека една од клучните внатрешни тензии за компанијата е усогласувањето на растот и темпото на развој со безбедносните стандарди, додека Anthropic веќе има обврзано близу еден трилион долари за изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција.
Дебито на Anthropic се одвива во период на зголемена нестабилност на берзите, кога индексите S&P 500, Nasdaq и Dow бележеа падови, а дел од технолошките акции се соочуваа со притисок по корекцијата на Nasdaq во изминатите недели и загриженоста околу темпото на изградба на податочни центри.


