Една година судење за „Пулс“, до пресуда уште две години

Објавено:

Една година од почетокот на судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој згаснаа 63 млади животи, а над 200 млади луѓе беа повредени, а правната разврска сè уште е далеку. Доколку постапката продолжи со досегашното темпо и со огромниот обем на предложени докази и сведоци, првостепената пресуда може да се очекува дури за најмалку една и пол до две години. Ова е проценката што на 19 ноември ја споделила судијката Дијана Груевска-Илиевска на брифинг со Телма новинарите, одбележувајќи го годишниот пресек од стартот на еден од најобемните и најкомплексните судски предмети во поновата македонска историја.

Трагедијата правно се „расплетува“ низ четири судски постапки, во кои обвинети се вкупно 58 луѓе: сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, неговите брат и син, поранешни инспектори, обезбедувачи, поранешни министри и градоначалници, полицајци…

Половината од нив се опфатени во првиот и најобемен предмет, со кој се утврдува директната одговорност за трагедијата. Во него им се суди на 35 луѓе. Другите 23 обвинети се полицајци, а за нив, обвинителството поднесе три различни обвиненија.

Како помина денешното рочиште?

И додека јавноста и семејствата на загинатите ги сумираат резултатите од првата година во судницата, процесот денеска продолжи со редовната динамика во големата судница во затворот „Идризово“. На денешната главна расправа, во рамки на доказната постапка на одбраната, продолжи сослушувањето на сведоци.

Во фокусот на денешното рочиште беше сведочењето на ќерката на првообвинетиот сопственик на дискотеката, Дејан Јованов. Преку нејзиниот исказ, одбраната се обидуваше да ја поткрепи својата теза за техничката опременост и безбедносните услови во објектот пред кобната вечер на 16 март 2025 година, тврдејќи дека во локалот постоеле противпожарни апарати и панично осветлување.

Според нејзиниот исказ, противпожарни апарати биле поставени кај главниот влез, кај бината и кај шанковите, додека панични светла имало на сите излезни врати.

„Забележав човек што раководеше со нив (пиротехничките средства н.з.) Секогаш од десната страна на бината имаше поставено нешто како кутија, а надвор, пред вратата, сум видела комбе со натпис ‘Пиротехника’“, рече Магделена-Јованова на денешното рочиште, каде што даде исказ како сведок на одбраната, пренесува новинската агенција МИА.

Покрај нејзиниот татко Дејан, во овој предмет се обвинети и нејзиниот брат Михајло Јованов и чичкото Тодор Јованов.

Рекапитулација: Што се случи во судницата во изминатите 365 дена?

Судењето започна на 19 ноември 2025 година, осум месеци по трагедијата, под силно обезбедување и со огромен интерес од јавноста. Во изминатата година, процесот помина низ неколку клучни фази и предизвици.На самиот почеток, судот донесе одлука за спојување на два поврзани предмети во единствена постапка. На обвинителната клупа седнаа вкупно 35 физички и три правни лица, а обвинението го застапува тим од дури 15 јавни обвинители.

Во меѓувреме, постапката за еден од обвинетите, Љупчо Грнчиштанов, беше запрена откако тој почина. Сите обвинети на стартот на судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата, со што започна долгата и исцрпувачка доказна битка.

Во текот на изминатите 12 месеци беа одржани околу педесетина рочишта. Низ судницата во „Идризово“ досега поминаа повеќе од 45 сведоци и неколку вешти лица, а беа изведени над 1.390 материјални докази, од обдукциски наоди и градежни вештачења, па сè до документација за инспекциските надзори и дозволите за работа на објектот.

Во меѓувреме судскиот процес беше одбележан со големи емотивни тензии и оспорувања на доказите. Втората половина од годината ја одбележа преминот кон доказите на одбраната, што донесе и остри судири во судницата. Обвинителството жестоко ги оспори градежните и техничките вештачења предложени од одбраната, тврдејќи дека не ги исполнуваат законските и методолошките стандарди.

Паралелно со бавниот од на правдата, болката и револтот кај родителите на загинатите деца не стивнуваат. По повеќе од 50 одржани протестни маршеви во Кочани, семејствата сè погласно изразуваат стравување дека големиот број предложени сведоци од страна на одбраната се користи за одолговлекување на постапката.

Во сведоштвата на татковците од Кочани по повод годишнината од процесот се истакнува чувството дека институциите и околината сè помалку имаат разбирање за нивната загуба.

„Нема од кого да се плашиме, нема да застанеме додека не добиеме правда за нашите деца“, изјави Томче Стојков, татко на едно од загинатите деца.

Претставници на родителите на 50-тиот „Марш за ангелите“ јавно побараа судот да ја забрза постапката за да не дојде до нејзино одолговлекување.

Не бараме пресуда од улица, туку редовно одржување на рочиштата. Ние, родителите и семејствата, бараме интензивно судење со над 10 рочишта месечно“, изјави Александар Наунов, татко на починатата Надица и претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.

Додека судската постапка се одвива бавно, семејствата на 63-те загинати млади луѓе редовно на протестен марш бараат ефикасна и неселективна правда. Прашањето дали системот конечно ќе понесе одговорност за пропустите што дозволиле со години да функционира небезбеден објект, и натаму виси над судницата во „Идризово“ како најголем тест за довербата во македонското правосудство.