Јаневска вели струја ќе се плаќа од ребалансот, за опозицијата срамота е УКИМ да нема електрична енергија

Објавено:

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека електрична енергија на УКИМ има.

„Точно е дека има долгови за електрична енергија, меѓутоа, вчера, во „Службен весник“ излезе ребалансот на буџетот, долговите редовно ги сервисираме“, рече таа.

Некои од факултетите при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) и зградата на Ректоратот вчера немаа електрична енергија поради неплатени сметки. По неколку часа, струјата им беше вклучена, но, како што објавија некои медиуми, им бил даден рок долгот да биде намирен до петок.

Според Јаневска, факултетите не треба да стравуваат од повторно исклучување.

Со реакција се јави Либерално-демократската младина (ЛиДеМ), според која оваа ситуација е срамота.

„Ова не е само финансиски проблем на универзитетот, туку зборува за односот на државата кон образованието и кон младите луѓе, кои се светлосни години далеку од своите европски врсници“, се вели во соопштението.

Либерално-демократската младина бара итно подмирување на обврските, но и јавно објаснување од Министерката за образование и наука, Весна Јаневска и министерството, како е дозволено да се натрупа ваков долг и кој ќе сноси одговорност за тоа.

„Додека се говори за модернизација, дигитализација и европска иднина, студентите и професорите се соочуваат со основни проблеми, како на пример дали нивниот факултет воопшто ќе има струја за да може непречено да се одржува наставата“, стои во соопштението.