Американскиот претседател Доналд Трамп, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин објавија заедничка изјава по трилатералната средба во Кина, во која се заложија за реформи на Обединетите нации, стабилност во снабдувањето со енергенси и намалување на нуклеарните ризици.
Тројцата лидери, чии држави се постојани членки на Советот за безбедност на ОН, се обврзаа да промовираат реформи на светската организација за таа поефикасно да одговори на глобалните предизвици и да ја исполнува својата основна задача – зачувување на меѓународниот мир и безбедност.
Тие се договорија и за зголемување на производството и снабдувањето со рафинирани нафтени деривати, и покрај меѓународните санкции воведени врз продажбата на руската нафта. Притоа ја нагласија важноста на стабилните енергетски текови.
Посебно внимание привлече делот од изјавата што се однесува на Меѓународниот кривичен суд (МКС). Трамп, Си и Путин ја истакнаа важноста на принципот на согласност на државите и почитувањето на имунитетот на државните функционери, порачувајќи дека МКС и сличните меѓународни институции не смеат да ја злоупотребуваат својата надлежност.
Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на Владимир Путин поради неговата наводна одговорност за воени злосторства извршени за време на руската инвазија врз Украина.
Лидерите се осврнаа и на нуклеарното оружје, повторувајќи го принципот дека нуклеарна војна не може да се добие и дека никогаш не смее да се води.
Во заедничката изјава се обврзаа да го продолжат дијалогот за намалување на нуклеарните ризици и спречување на ширењето на нуклеарното оружје.
Трамп уште во воведното обраќање на самитот ја истакна важноста на нуклеарното разоружување, нагласувајќи дека САД, Русија и Кина, како големи нуклеарни сили, имаат посебна одговорност за глобалната безбедност.
Американскиот претседател Доналд Трамп на средбата предложи нов, долгорочен договор за контрола на нуклеарното оружје и повика во него да биде вклучена и Кина.
Договорот „Нов СТАРТ“, кој САД и Русија го потпишаа во 2010 година, истече годинава. Со него беше ограничен бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави и нивните носачи.
Администрацијата на Трамп веќе подолго време е загрижена поради растот на кинескиот нуклеарен арсенал.
Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ) проценува дека Русија има 5.420 нуклеарни боеви глави, САД 5.042, а Кина околу 620.
Според СИПРИ, Кина го проширува својот нуклеарен арсенал побрзо од која било друга земја. На воената парада во 2025 година претстави неколку нови системи на нуклеарно оружје.
Трилатералната средба траеше околу час и половина, објавија кинеските државни медиуми, по што колоната возила на Трамп тргнала кон аеродромот.


