Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека светот минува низ опасен период и оти е од клучно значење да се спречи употребата на оружјето за масовно уништување, но предупреди оти Русија би размислила за употреба на сиот свој арсенал доколку биде нападната руската ексклава Калининград.
„Во случај на директен напад врз Руската Федерација, тогаш, се разбира, прашањето дали таа ќе ги употреби сите оружја што ги има на располагање, е неизбежно и веднаш ќе се најде на дневен ред“ – рече Путин во Москва.
Рускиот лидер предупреди дека спиралата на ескалација во меѓународните конфликти може брзо да доведе до катастрофални сценарија.
„Мора да разбереме дека моментот кога веќе ништо нема да може да се промени може да дојде многу брзо и неочекувано за сите. Логиката на ескалацијата и сè поострите мерки на возвраќање водат кон кобна точка од која нема враќање“, рече рускиот претседател.
Путин истакна дека во центарот на таа ескалација се ароганцијата и прекумерната самодоверба, што претставува пат кон работ на бездната.
„Ова е уште поизразено денес, кога арсеналите на водечките светски сили содржат оружје способно да го уништи целиот живот или барем да ја доведе Земјата во катастрофална состојба. Можеме ли да бидеме сигурни дека тоа оружје никогаш нема да биде употребено? Секако дека не можеме. Мора да го имаме тоа предвид и да избегнеме таков исход“, нагласи Путин.


