Хакирани системи на Европската Комисија, прекинот траел 10 дена

Објавено:

Европската комисија била цел на сајбер-напади, поради што бил нарушен работниот процес на неколку системи, меѓу кои и системите за пресметка на платите и евиденција на работното време, објави денеска порталот „Политико“.

Комисијата свикала итен состанок на своето највисоко интерно тело за управување со кризи поради сајбер-инцидентите.

Еврокомесарката за технологија, Хена Виркунен, вчера ги информирала останатите еврокомесари за случајот, се наведува во извештајот.

„Европската комисија ги презеде неопходните мерки како одговор на откриената сајбер-закана“, изјави за „Политико“ портпаролот на Европската комисија, Томас Рењие.

„Нападот беше насочен кон одделни системи и, во согласност со нашата вообичаена практика, ги известивме засегнатите“, додаде тој.

Центарот за сајбер-безбедност CERT-EU овој месец открил дека меѓународни хакери користеле алатка за вештачка интелигенција наречена Artex за да ги идентификуваат ранливостите во информатичките системи.

Како резултат на тоа, неколку апликации и услуги биле исклучени од мрежата како мерка на претпазливост. Пристапот до нив сега е повторно воспоставен, изјавил за „Политико“ неименуван функционер на ЕУ.

Истражителите сè уште се обидуваат да утврдат дали биле компромитирани податоците на вработените. Прекинот траел повеќе од 10 дена.

Меѓу другото, се појавиле проблеми со платформата за човечки ресурси, која управува со пресметката на платите, евиденцијата на работното време и системот за надоместување на медицинските трошоци. Биле погодени и преведувачките услуги.