Мицкоски: Трамп се вклучи телефонски на самитот во Берлин

Објавено:

Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски се вклучил на самитот во Берлин, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, за да ги информира 30-те лидери кои присуствувале на него за неговите средби со рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Џинпинг, изјави македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој присуствувал на Самитот. Според неговата изјава на тој состанок се дискутирало за глобалните предизвици и актуелната безбедносна состојба во светот.

„Навистина постојат многу глобални предизвици во светот, но добро е што Македонија е на масата и заедно со останатите учествува во решавање на овие глобални предизвици“, рече во своето кусо видео обраќање на социјалната мрежа Фејсбук Мицкоски.

Мицкоски е дел од состанокот на „Коалицијата на волните“ (Coalition of the Willing), организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, заедно со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. „Коалицијата на волните“ е формат на сојузнички земји насочени кон координација на политичката, дипломатската и безбедносната поддршка за Украина, како и кон разговори за идните безбедносни аранжмани и напорите за постигнување мир.

Според најавите во медиумите главна тема на овој состанок е потврдување на поддршката за напорите за постигнување праведен и траен мир во Украина, како и усогласување на заеднички позиции за претстојните преговори и финансирањето на одбраната на Украина за 2027 година, Разговори за актуелната безбедносна состојба во светот, глобалните предизвици и безбедносните аранжмани поврзани со конфликтот.

На самитот присуствуваат лидери од над 30 земји и американските специјални преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

Порачувајќи дека во светот денес се води „тивка трета светска војна“ и предупредувајќи дека претстои тешка зима и за Европа и за Македонија, Мицкоски истакна дека е позитивно што земјава активно учествува во справувањето со глобалните предизвици, додавајќи дека се работи на стратегија за олеснување на животниот стандард на македонските граѓани во текот на зимата.

„Ова ќе биде тешка зима, тешка зима насекаде во Европа, тешка зима и за Македонија. Но, она кое што е важно е дека ние работиме на тоа да граѓаните оваа зима ја поминат онака како што ги поминуваат сите зими кога имаме нормални услови, без разлика на предизвиците во светот“, изјави Мицкоски.

На посетата во Берлин ѝ претходеше работно учество на Мицкоски во Брисел на Форумот за проширување на Европската Унија, каде што во фокус беа реформите, инвестициите и економскиот раст.