Поранешениот претседател и актуелен лидер на опозицијата во Србија, Александар Вучиќ бурно реагираше денеска на излагањето на пратеникот од владејачкото мнозинство и претседател на пратеничката група „Студентска листа“ Јово Бакиќ за аферите на режимот во заминување и шефот на пратениците на Студентската листа го нарече „лажго“ и „криминалец“ кој е „свинско легло само по себе“.
„Тоа што хистерично викавте и урлавте е слика и прилика на вашата немоќ. Сега ќе докажам каков лажго и криминалец сте“, порача Вучиќ во репликата на говорот на Бакиќ, во кој тој ја нарече СНС „политичко крило на организираниот криминал“.
Вучиќ го обвини Бакиќ дека се однесува како врвен криминалец, како и дека наредува прогон на новинари и политички противници.
Вучиќ уште еднаш најави дека нема да седи полн мандат во Собранието на Србија, односно дека во одреден момент планира да поднесе оставка.
„Ќе ве израдувам и јас во еден момент со поднесување оставка, бидејќи знам дека не можете да поднесете да делите кислород со мене. Толку ми сте одвратни што не можам да ве гледам, бидејќи вие сте жива слика на мојот пораз. Да бидам искрен со вас, вие сте слика и прилика на мојот пораз. Вие сте слика и прилика на несреќата на Србија. И бидејќи сте слика и прилика на несреќата на Србија, јас не можам да бидам среќен. А знам дека тоа многу ќе ве усреќи“, рече од пратеничкото столче Вучиќ.
Потоа рече дека луѓето од листата на СНС ќе поднесуваат оставки бидејќи на листата биле „само поради поддршка“ и додаде дека некои од листата „сигурно ќе ја напуштат“ оваа партија.
Морална дилема околу помилувањето на Дијана Хркаловиќ
Вучиќ во текот на својот едночасовен говор во повеќе наврати негираше дека имал контакти со припадници на кавачкиот и шкаљарскиот криминален клан, а кажа и дека имал морална дилема во врска со помилувањето на поранешната државна секретарка во МВР на Србија, Дијана Хркаловиќ.
„Јас сметав лично и од морален агол, со допис од Министерството за правда, дека таа платила многу повисока цена, особено што дел од тие дела беа насочени против мене како претседател на Републиката. Мене противзаконски ме прислушуваа и затоа ја донесов таа одлука“, рече Вучиќ.
Дијана Хркаловиќ, поранешна државна секретарка во Министерството за внатрешни работи е ослободена од кривично гонење за кривично дело трговија со влијание во постапка поврзана со организиран криминал. Хркаловиќ, која јавно беше споменувана како лице со блиски врски со членови на криминални групи, првично беше осудена на 16 месеци затвор, но Апелациониот суд ја поништи таа пресуда во декември 2025 година и нареди ново судење. Пред да поднесе оставка од претседателската функција на 27 септември 2026 година, Александар Вучиќ донел одлука за помилување на вкупно 49 лица, меѓу кои и Хркаловиќ.
Вучиќ додаде дека е сигурен оти донел „правична и исправна одлука“.
„Единствено не сум сигурен дали донесов правична одлука во однос на овие од Нови Сад. Донесов политички исправна одлука, сметајќи дека е важно да покажам разбирање и кон оние чии мотиви, намери и самото дејствие или извршување на кривичното дело не ги разбирам“, порача тој.
Вучиќ се осврна и на прашањето на Бакиќ кога ќе ја објави книгата „Како ја победив обоената револуција“, која ја најавуваше уште во времето на студентските блокади. Тој посочи дека дека и понатаму планира објавување на книгата, но со поинаков наслов.
„Насловот би можел да биде, мора да биде некој пократок: ‘Срам ми е што нè сруши обоената револуција и што најлошите досега дојдоа на власт’. Тоа е некој вид работен наслов“, рече Вучиќ, а потоа прецизираше дека новиот наслов би можел да биде: „Пораз од обоената револуција“.


