Полицајци од Единицата за економски криминал и корупција при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје на 19 ноември спроведоа теренска проверки во кругот на скопската челичарница „Макстил“, во комплексот на поранешна Железара, поради сомнежи за евентуално сторени кривични дела од областа на еколошкиот криминал. Полицијата соопшти дека акцијата е покрената врз основа на добиени оперативни информации и постапување по наредба на јавен обвинител.
Во рамки на проверката биле извршени контроли и преглед на примероци од почва и одредени суровини во кругот на фабриката, со цел да се утврди дали постојат елементи на кривични дела против животната средина и загадување.
„Макстил“: работиме транспарентно и ќе соработуваме со надлежните институции
Компанијата во своето соопштение наведува дека поседува А интегрирана еколошка дозвола, издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, врз основа на која нејзиното работење подлежи на редовни контроли од надлежните органи.
„Во интерес на точно дефинирање на состојбите, Макстил ќе продолжи целосно да соработува со надлежните органи во текот на проверките“, соопштија од компанијата.
Ова не е првпат годинава фабриката да биде предмет на инспекциски активности поврзани со заштитата на животната средина. Во февруари, Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден надзор по информации дека вреќи со филтерска прашина биле складирани на отворен простор зад челичарницата. При контролата било утврдено несоодветно чување на опасен отпад, по што инспекторите наложиле негово препакување и покривање согласно пропишаните мерки.
Таквиот надзор следуваше по истражувањето на Бирн/Призма кое откри дека на отворен плац зад челичарницата „Макстил“ во кругот на поранешна Железарница со години стојат стотици оштетени џамбо-вреќи со филтерска прашина — индустриски нуспроизвод од топењето старо железо што содржи тешки метали и е класифициран како опасен отпад. По објавата, Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден надзор и измери над 9.500 тони несоодветно складирана прашина, по што наложи нејзино препакување и покривање, а компанијата се спогоди да плати казна од 90 илјади евра и да го извезе опасниот отпад.
Засега од надлежните институции нема официјални информации за конкретниот повод за полициската контрола, ниту потврда дека е утврдено кривично дело. Проверките продолжуваат, а дополнително треба да се утврди дали постојат докази за загадување на животната средина и евентуална кривична одговорност.
Како еден од поголемите капацитети за производство на челик во земјата, сместен во индустриската зона на поранешна Железара во Скопје, работењето на „Макстил“ со години е во фокусот на еколошките организации, локалното население и институциите поради потенцијалните влијанија врз почвата, воздухот и управувањето со индустриски отпад.


