Ниту една повеќе – граѓанска блокада пред Владата против фемицидите

Објавено:

Неформалната граѓанска иницијатива „Ниту една повеќе!“ за денеска во 13 часот најави блокада пред Владата во знак на протест против фемицидите во државава.

„Денеска креваме БЛОКАДА пред Влада: ниту една повеќе! Гневни и бесни сме на сите кои ја хранат културата на насилство во ова општество, на секое непостапување на полицијата, на секоја пријава која завршува во фиока, на секој повик за надзор, на секое релативизирање на насилството како мал престап, на обвинителството, судовите и социјалните служби кои имаат одговорност и обврска да стават крај на монструозното фемицидно секојдневие! Доста ни да живееме во страв во нашите домови, на работните места, на улица!“, се вели во најавата за блокадата.

Од иницијативата велат дека во година во која 7 жени беа брутално убиени, а на евидентираните пријави за семејно насилство бележиме 70% пораст (рекордни 1.897 пријави), не смееме да дозволиме секојдневието да продолжи најнормално.

„Ќе продолжиме да протестираме и блокираме сѐ додека не се исполнат сите услови за безбеден живот: итно постапување по сите наши барања за целосни, транспарентни и правични судски постапки и соодветни казни за насилниците и убијците. Животите на сите жени, кои патем сѐ уште на свој грб ја носат грижата за ова општество, не се за во ендек!“, велат од иницијативата.

Тие имаат шест конкретни барања до институциите, меѓу кои и итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание, најдоцна до 10 декември 2026 година.