Руски ракети паднале во Полска при големиот напад врз Украина, Туск му се јавил на Руте

Објавено:

Две руски крстосувачки ракети и едно беспилотно летало на млазен погон паднале во Полска за време на руските воздушни напади врз Украина, кои се случиле во екот на големи западни воени вежби на сојузничките земји, пренесоа светските новински агенции. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека ова бил еден од најголемите напади од почетокот на целосната руска инвазија во 2022 година, при што во Украина загинале најмалку осум лица, а речиси 30 се повредени.

„Русите го проширија овој напад врз многу градови и региони во Украина. Апсолутно сите цели беа обична цивилна инфраструктура ​​објекти што буквално го одржуваат животот на луѓето“, рече тој.

Зеленски изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се одлучил за овој напад по слабите средби со американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг, како и по неговиот неуспешен обид некако да ја прекрои картата на светот.

Украинскиот претседател додаде: „Русија се обидува да ја компензира својата воена и дипломатска немоќ токму преку ваков вид терор“.

Полскиот министер за одбрана, Владислав Косињак-Камиш, потврди три случаи на нарушување на полскиот воздушен простор, при што нема пријавени повредени лица. Тој изрази уверување дека не е случајно што инцидентот се случил истиот ден кога се одржуваат големи западни воени вежби, во кои учествуваат војници од 11 земји од коалицијата на подготвените, вклучително и Обединетото Кралство.

Инцидентите се случиле во местата Нови Липовјец, Молодич и Рудник над Санем во југоисточна Полска, на оддалеченост од 50 до 100 километри од Нова Демба, каде што се одвиваат вежбите.

Полскиот премиер го нарече инцидентот намерна провокација од страна на Русија.

Доналд Туск изјави дека разговарал со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој во сабота ќе ја посети Варшава и дека се согласиле оти не изгледа како случајност тоа што нападот се случил ноќта пред почетокот на вежбите.