Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека Русија во моментов не претставува непосредна закана за територијата на Алијансата, но дека НАТО е подготвен да одговори на евентуален напад.
„Нема непосредна закана за територијата на НАТО. Ако нешто се случи, ние сме подготвени да одговориме“, изјави Руте за Еуроњуз на Самитот за одбрана и вселена.
Тој изјави дека НАТО ќе забележи евентуално зголемување на руските сили кон Финска, балтичките земји, Полска или која било друга членка и ќе реагира на тоа.
„Секогаш ќе бидеме дефанзивни, но доколку е потребно, секако дека ќе се браниме“, рече Руте.
Според него, Русија сака да ги подели сојузниците и да го одвлече вниманието од ситуацијата во Украина.
„Најважно е што сето ова се случува затоа што не му оди добро во Украина. Тој сака да нè подели. Тој сака да го изгубиме фокусот кога станува збор за Украина. Продолжете да давате поддршка“, рече Руте.
Зборувајќи за можноста за мировни преговори, Руте рече дека рускиот претседател Владимир Путин засега не е подготвен за договор.
„Сите сакаме оваа војна да заврши, но за танго се потребни двајца. Досега, не изгледа дека Путин е подготвен за танго кога станува збор за мировен договор“, рече Руте.
Тој оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп има доволно политичко влијание за да започне преговори со Москва.


