Американскиот претседател Доналд Трамп им постави стапица на Европејците со поканата до рускиот претседател Владимир Путин да учествува на самитот на групата Г20 на Флорида, оценува швајцарската јавна телевизија СРФ, посочувајќи дека она што ја прави оваа ситуација „особено подмолна“ е фактот што исклучиво од Путин зависи дали замката ќе функционира.
СРФ на својата веб-страница пишува дека, доколку Путин ја прифати поканата, многу членки на Г20 би се нашле во незгодна позиција – пред сè оние што ја поддржуваат Украина, односно Германија, Франција и Велика Британија, но и Канада, Јапонија, Австралија и Јужна Кореја.
Доколку рускиот претседател прифати да дојде, „Г20 би испратила сигнал дека Путин се вратил во кругот на респектабилните шефови на држави, при што низ светот би кружеле снимки на кои тие заедно седат на маса во Мајами и се насмевнуваат на традиционалната ‘семејна’ фотографија“.
„Да ги понижи европејците или да му се додвори на Путин?“
Во аналитичкиот текст се наведува дека не е јасно дали Трамп намерно сака да ги понижи европските членки на Г20 или едноставно сака да го привлече вниманието кон самитот што го организира и да му се додвори на рускиот претседател. Покрај тоа, како што се наведува во написот, никој не очекува Путин на самитот да донесе ниту најмал предлог за траен прекин на огнот во Украина, што значи дека неговото учество на состанокот би претставувало „рехабилитација без ништо за возврат“.
„Но, како и да е, во европските и во другите престолнини сега треба да се одмери дали е подобро едноставно да се остане подалеку од самитот на Г20. Трамп тоа секако би го доживеал како понижување, и тоа од Европејците кои и онака не ги сака“, оценува СРФ.
Колку е битна Г20?
Швајцарскиот медиум потсетува дека самитите на Г20 некогаш се сметале за подобар форум од состаноците на Групата седум најразвиени демократски држави (Г7), бидејќи во Г20 членуваат и земји во развој кои се на прагот да станат најбогати земји во светот, што ја прави групата порепрезентативна.
Сепак, иако за време на глобалната финансиска криза во 2008 година групата накратко се покажала како корисна, Г20 веќе со години не успева да постигне каков било значаен договор, бидејќи „јазот меѓу демократиите и диктатурите е едноставно преголем“.


