Дијалогот за изборното законодавство да продолжи и опозицискиот СДСМ да се врати во процесот и да ги повлече поднесените девет илјади амандмани, е пораката од денешниот консултативен состанок во Министерството за правда за реформите во изборното законодавство инициран од министерот Јетон Шасивари. Нема најава кога би се одржала следна ваква средба.
На состанокот присуствуваа претставници на сите политички партии застапени во Собранието, освен претставниците на СДСМ.
По средбата, министерот за правда Шасивари изјави дека целта на средбата била да се разговара за отворените прашања и за чекорите потребни за деблокирање на процесот и негово враќање во активна институционална динамика. Најави дека во следниот период ќе побара средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за да му се даде втора шанса на овој процес, кој, како што нагласи, е многу важен бидејќи е дел од нашата реформска агенда и изборните правила се за граѓаните.
ДУИ: Даваме придонес за широк консензус
Блерим Беџети, пратеник на ДУИ, кој ја претставува партијата во работната група за реформи во изборното законодавство, по средбата во Министерството за правда денеска, изјави дека тие се за широк консензус за Изборниот законик и дека е можно тоа да се постигне.
„Ние како ДУИ сме тука за да продолжиме да даваме придонес за широк консензус за Изборниот законик и да се почнат препораките од ОБСЕ/ОДИХР, но и да се зачуваат сите димензии што произлегуваат од Изборниот законик. Сите димензии што произлегуваат од Изборниот законик се многу блиску до еден широк консензус би рекол, што е можност и да се исполнат препораките од ЕУ“, рече Беџети.
Левица: СДСМ покажува политичка незрелост
Отсуството на СДСМ од консултативната средба за реформи во изборното законодавство покажува политичка незрелост и недемократски однос, особено во услови кога се разговара за прашања што директно го засегаат изборниот процес – изјави денеска координаторот на пратеничката група на Левица Борислав Крмов, по средбата во Министерството за правда поздравувајќи го повторното отворање на процесот за измени на Изборниот законик.
Левица, додаде тој, го поздравува отворањето на процесот, имајќи предвид дека токму тоа беше и една од нашите заложби во изминатиот период.
„За жал гледаме дека СДСМ не се присутни. Тоа покажува еден тип на политичка незрелост и недемократичност. Изгледа провидно нивната намера фактички да ја остават Левица единствена партија хендикепирана, која не може да добие средства од платено политичко рекламирање“, истакна Крмов.
Левица останува на своите две клучни барања: една изборна единица и фер распределба на средствата за изборните кампањи. Но, како што посочи Крмов, фер третман значи и можноста платеното политичко рекламирање целосно да се укине.
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ треба да учествува, без оглед што им се случува во партијата
ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува инцијативата на министерот за правда да се даде втора шанса на процесот за Изборниот законик, но цени дека голем хенидкеп за овој процес е што една политичка партија го саботира на два начини. Прво, со неучество во разговорите за Изборниот законик и, второ, со поднесени 9.500 амандмани, а на него се работеше четири месеци за да постигнеме одреден консензус, рече Антонијо Милошоски од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, претставник во работната група за реформи во изборното законодавство.
„Сметаме дека и кај СДСМ би требало свеста да биде поголема дека Изборниот законик е нешто што се усогласува со консензус и важи за следните пет, 10, 15 или 20 години. Добро е да учествуваат доколку имаат демократски капацитет, без разлика на внатрешнополитичките состојби со кои се соочуваат како предизвик“, рече Милошоски.
СДСМ не се враќа на маса, велат „власта сака измени за да краде гласови“
Социјалдемократите жестоко одговорија на обвинувањата за саботажа на нивна адреса.
„Седнале ВМРО со нивните сателити од Левица да се договараат за изборни криминали – СДСМ тоа нема да го дозволи. Седнале денеска во Министерството за правда ВМРО и нивните сателити од Левица да се договараат за изборни криминали, се наведува во соопштението на СДСМ.
Тие прашуваат како владеачката партија „седнала со руска партија како Левица, која е анти НАТО и анти ЕУ, да се разговара за реформски закон за ЕУ?“
„Многу провидно делува партијата на далечинско која е лажна опозиција. Организираната криминална група и арамијата не сакаат подобар Изборен законик, сакаат кражба на гласови. Тоа е нивната цел“, соопшти СДСМ.
Европските претставници, вклучително еврокомесарката за проширување Марта Кос и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, во повеќе наврати апелираа за постигнување широк политички консензус. Според нивните пораки, реформите во изборното законодавство се суштински дел од евроинтегративниот процес.


