Нема договор за изборниот законик, нема ни европски милиони

Објавено:

Истече рокот за донесување на измените на Изборниот законик предвидени во Реформската агенда. Поради тоа државата ќе загуби вкупно 4,2 милиони евра кои европски пари кои беа предвидени за донесување на измени на законот со кој требаше да бидат подобрени изборните правила. Овие средства беа дел од Планот за раст за Западен Балкан, кој предвидува исплата на вкупно 6 милијарди евра за регионот во периодот 2024-2027 година, условени со конкретни реформски чекори.

Поради недостиг на политички консензус се наметнува прашањето – кој е виновен што државата ќе изгуби пари со кои би можела на пример да купи неколку десетици амбулантни возила за Итна медицинска помош.

Според власта проблемот е во опозицијата, која како што вели премиерот Христијан Мицкоски е составена од неодговорни политичари кои го потрошиле времето на суетни расправи кој ќе го свика состанокот, отколку на интересот за заштита на државните интереси.

„Поминаа денови, тие се натегаат кој кого ќе го викне и каде ќе се одржи тој состанок помеѓу опозицијата. ​Јас денеска еве ги повикувам на зрелост, на одговорност, и претседателите на ДУИ, СДСМ, Левица, крилото на Зијадин Села, на Арбен Таравари, да седнат заедно како опозициски партии, да се договорат и нека донесат закон во којшто е вклучено гласањето на дијаспората. Поминаа денови, а тие се натегаа кој кого ќе викне и каде ќе се одржи тој состанок меѓу опозицијата. Јас денеска ги повикувам на зрелост и одговорност претседателите на ДУИ, СДСМ, Левица, крилата на Зијадин Села и Арбен Таравари, да седнат заедно како опзициски партии, да се договорат и нека донесат закон во кој е вклучено гласањето на дијаспората. Кога ќе го донесат, ние ќе го прифатиме, без воопшто да полемизираме на таа тема“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Од друга страна пак, опозицијата ја обвинува власта дека токму со барањето дијаспората да има право на „дигитален “ глас на изборите е шанса за власта за изборни измами.

„Тезата дека блокадата на Изборниот законик ја спречува Македонија да напредува кон ЕУ е свесна манипулација. Европската унија не бара промена на Изборниот законик по мерка на една партија. ЕУ бара кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и борба против корупцијата. Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија кои во моментов ги турка власта не се обврска кон Европската унија“, велат од СДСМ.

 Власта предлага дијаспората да гласа електронски, опозицијата жестоко реагира со сомнежи дека тоа ќе овозможи терен за голем изборен фалсификат. Во обид да најде компромис, власта „ретерираше“ со предлог наместо електронски иселениците да може да гласаат по пошта. За Левица тоа е прифатливо, но под услов да се воведе една изборна единица. СДСМ, пак, е дециден дека не е против дијаспората, но сака да ја спречи власта да краде гласови на избори.

Од Левица, пак, обвинија дека СДСМ има таен договор со Мицкоски и затоа не дозволиле опозициско обединување за една изборна единица.

„СДСМ остана цврсто на тајниот договор со ДПМНЕ за Изборниот законик да остане недопрен, како оперативна спогодба меѓу актерите на стариот поредок со цел овој модел да преживее бидејќи токму тој модел ги храни нив и оди на штета на Левица“, велат од Левица.

На ваквите обвинувања, не останаа рамнодушно раководството на СДСМ, обвинувајќи ја Левица дека тие се вистинските соработници на ВМРО-ДПМНЕ.

„Повторно ја игра улогата на сателитска партија на ВМРО-ОКГ.Наместо да биде дел од опозицијата, таа продолжува да ја штити власта на Христијан Мицкоски со напади врз СДСМ и со спречување на секој обид за опозициско обединување.Левица не е опозиција. Тоа е партија за ништо. Партија против НАТО во земја членка на НАТО.Партија против ЕУ во земја кандидат за членство во Европската унија. Проруска партија во земја чиј стратешки партнер е Соединетите Американски Држави“, се вели во нивната реакција.

На сите овие несогласувања, се надоврзува и учеството на независните листи и кандидати на избори. Дел на граѓанските иницијативи кои учествуваат на избори, изминатиов период беа гласни дека сакаат ист третман како политичките партии за да има фер, еднаков и реално достапен изборен процес.

За потсетување, Уставниот суд ги укина високите прагови за собирање потписи за независните кандидати, па сега Собранието мора повторно да ги уреди условите за нивно учество. Граѓанските иницијативи бараат значително понизок праг, оценувајќи дека високите барања ги дискриминираат независните кандидати во однос на политичките партии. Дел од парламентарните партии, пак, предупредуваат дека пренискиот праг може да доведе до голем број формални кандидатури без реална поддршка.

ОДИХР препорачува условите за кандидирање да бидат пропорционални, недискриминаторски и еднакви за сите учесници во изборите.

Европските претставници, вклучително еврокомесарката за проширување Марта Кос и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, во повеќе наврати апелираа за постигнување широк политички консензус. Според нивните пораки, реформите во изборното законодавство се суштински дел од евроинтегративниот процес

Од независноста на државата до сега, ова е 37-ма промен на изборните правила, покажуваат податоците од Службен Весник. Дали да останат шест или да се воведе една изборна единица, дали да има електронски глас од дијаспората и каква да биде прераспределбата на парите за медиумско рекламирање меѓу големи и мали партии? Овие беа клучните прашања каде има недоразбирања поради кои измените на Изборниот законик беа блокирани во Собранието од опозицијата со 14 илјади амандмани.

Актуелните блокади се продолжение на долгогодишна практика во која изборните правила се менуваат непосредно пред избори, наместо да бидат резултат на долгорочен политички консензус. Од 2006-тата година, до сега направени се вкупно 36 измени на Изборниот законик, покажуваат податоците од Службен весник, каде што се објавуваат сите закони.