По две децении и над 30 измени – изборните реформи сè уште недовршени

Објавено:

По 37-ми пат изборните правила повторно се предмет на политички пазар, наместо стабилна правна рамка. Дали да останат шест или да се воведе една изборна единица, дали да има електронски глас од дијаспората и каква да биде прераспределбата на парите за медиумско рекламирање меѓу големи и мали партии?

Овие се клучните прашања каде има недоразбирања поради кои измените на Изборниот законик се блокирани во Собранието од опозицијата со 14 илјади амандмани.

Актуелните блокади не се изолиран политички судир. Тие се продолжение на долгогодишна практика во која изборните правила се менуваат непосредно пред избори, наместо да бидат резултат на долгорочен политички консензус. Од 2006-тата година, до сега направени се вкупно 36 измени на Изборниот законик, покажуваат податоците од Службен весник, каде што се објавуваат сите закони.

Една изборна единица – дебата стара најмалку шест години

На пример дебатата за една изборна едница трае од 2020 година, и при тоа политичките додека се во опозиција барат да се воведе, а кога ќе дојдат на власт не дозволуваат.

Во програмата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2024 година е наведено дека една изборна единица и намалување на бројот на пратеници ќе биде дел од нивните реформи. Следната година, ветувањето малку се измени.

„Но принципиелно, пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржат една изборна единица во којашто право да гласа ќе има и дијаспората“, рече премиерот Христијан Мицкоски во јули 2025 година.

Глас по пошта, електронски или по стари правила за иселениците

Тука е и гласањето на дијаспората. Власта предлага таа да гласа електронски, опозицијата жестоко реагира со сомнежи дека тоа ќе овозможи терен за голем изборен фалсификат. Во обид да најде компромис, власта „ретерираше“ со предлог наместо електронски иселениците да може да гласаат по пошта.

За Левица тоа е прифатливо, но под услов да се воведе една изборна единица. СДСМ, пак, е дециден дека не е против дијаспората, но сака да ја спречи власта да краде гласови на избори.

„Ние од СДСМ сме јасни: дијаспората има право да гласа. Тоа право го имала и досега и дијапората гласа со постојниот модел. Ние не сме против тоа право. Ние сме против неконтролирано и неконтролирано гласање кое отвора простор за масовна изборна кражба. Зошто во Македонија граѓаните гласаат со отпечаток од прст, спреј, идентификација и строги контроли, а за дијаспората се предлага електронско гласање без никаква реална контрола? Дали тоа е демократски? Дали тоа е фер?“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска во една од јавните реакции за измените на Изборниот законик.

Во јавните прозивки околу ова прашања, Мицкоски претходно ѝ порача на опозицијата да се договори за Изборниот законик како сака, а власта ќе го поддржи тоа под услов да биде вклучено и гласањето на дијаспората.

Независните листи

На сите овие несогласувања, се надоврзува и учеството на независните листи и кандидати на избори. Дел на граѓанските иницијативи кои учествуваат на избори, изминатиов период беа гласни дека сакаат ист третман како политичките партии за да има фер, еднаков и реално достапен изборен процес.

За потсетување, Уставниот суд ги укина високите прагови за собирање потписи за независните кандидати, па сега Собранието мора повторно да ги уреди условите за нивно учество. Граѓанските иницијативи бараат значително понизок праг, оценувајќи дека високите барања ги дискриминираат независните кандидати во однос на политичките партии. Дел од парламентарните партии, пак, предупредуваат дека пренискиот праг може да доведе до голем број формални кандидатури без реална поддршка.

ОДИХР препорачува условите за кандидирање да бидат пропорционални, недискриминаторски и еднакви за сите учесници во изборите.

Препораките на ОБСЕ

Иако сите поголеми партии декларативно поддржуваат усогласување со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и европските стандарди, во пракса речиси секоја измена отвора нови политички конфликти, и ниту одблизу не ги задоволува препораките од меѓународните набљудувачи. Најчестите забелешки кои редовно се повторуваат се поефикасна контрола на донациите, подобар надзор над трошењето, побрзо објавување на финансиските извештаи, поефикасни санкции за прекршителите, побрзо решавање на изборните жалби, јасни надлежности на институциите…

Министерството за правда пред две години тврдеше дека целосно новиот закон ги вградува препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но тој закон од работата група воопшто не стигна до пратениците во Собранието.

Измените на Изборниот законик ќе донесат четири милиони евра во државната каса

Обврската за изменет Изборен законик е дел од реформската агенда за земјава во рамки на Планот за раст на Западен Балкан која беше усвоена од Европската комисија, а во која се нагласува дека всушност Северна Македонија треба да донесе сосема нов закон.

„Во март 2024 година беа донесени измените на Изборниот законик. Меѓутоа, за да се овозможи примена на последните препораки на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија треба да се донесе нов Изборен законик“, се нагласува во реформската агенда.

И токму на ова реферираат пратениците од владејачкото мнозинство кои се предлагачи на измените во објаснувањето за потребата на носење на нивните измени по скратена постапка.

Изборниот законик досега требаше да се донесе, и во моментов тече грејс периодот што го дава Брисел за да се направи овој чекор, со цел земјата да напредува во исполнувањето на обврските од реформската агенда.

Од 2006 година до денес, речиси секои избори со нови правила

Изборниот законик беше донесен во 2006 година со цел на едно место да ги обедини правилата за претседателски, парламентарни и локални избори. Намерата беше да се обезбеди стабилен изборен систем и да престане практиката законите да се менуваат пред секој изборен циклус.

Но се случи токму спротивното.

Во следните дваесет години Законикот беше менуван вкупно 36 пати. Дел од измените беа технички, но значителен број се однесуваа на суштински прашања – изборната администрација, финансирањето на кампањите, медиумското претставување, избирачкиот список, роковите за кандидатури, електронската идентификација на гласачите, правилата за независните кандидати и надлежностите на институциите.

Особено интензивни измени имаше во периодите пред парламентарните избори во 2011, 2014, 2016 и 2020 година, како и пред локалните избори во 2017, 2021 и последниот изборен циклус. ОБСЕ/ОДИХР во повеќе наврати оцени дека ваквата практика ја намалува правната сигурност и создава неизвесност кај сите учесници во изборниот процес.