Пожарот кој што попладнево избувна во магацински простор на Булевар Македонија, односно Јужен булевар, во скопската Општина Кисела Вода во близина на стара „Рампа“ е ставен под контрола. Во интервенцијата за гасење повреден е еден пожарникар, соопшти градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Објектот кој гори е до канцеларијата на Пазарната инспекција каде неодамна се вршеа градежни активности односно реконструкција на улицата.
Црниот чад од пожарот можеше да се види речиси од целито град, а како што изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, од запалениот објект се слушале пукотници, „најверојатно од електрична енергија“.
На местото на пожарот има повеќе противпожарни возила и едно амбулантно возило, а за да се обезбеди пристап се сечеа и дрвја. Според споделувањата на очевидците, мирис на изгорено се чувствува низ цела Кисела Вода.
Сличен пожар во близина на стара „Рампа“ имаше и во 2022 година, каде по неколку месеци почна да се гради нова зграда.


