И претседателката Гордана Сиљановска-Давкова добила пиштол како подарок од трускиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на самитот на НАТО, потврдија од нејзиниот кабинет за Колегиум.мк
Оттаму велат дека подарокот од Ердоган е примен преку државниот протокол и преку дипломатска пошта, согласно процедурите, ќе биде донесен во Скопје.
„Подарокот ќе биде соодветно евидентиран во Кабинетот на претседателката и со него ќе се постапи согласно Законот за оружје. Претседателката Сиљановска-Давкова нема да го користи, ниту ќе има било каков контакт со подарокот“, додаваат од Кабинетот на претседателката во одговорот до Колегиум.мк.
Како што веќе објавија повеќе светски медиум, Едроган кој беше домаќин на Самитот на НАТО, на лидерите на земјите-членки им врачил подароци – пиштоли со изгравирано име на секој од нив и кутија со боева муниција.
Според објавената фотографија на новинската агенција Ројтерс, станува збор за револвер со „буренце“ за шест куршуми и редок турски модел произведен во Турција. Тоа е колекционерско оружје со назив Гумушаи Магнум 357 (Gümüşay .357 Magnum). Произведувано во 1990-тите од турската државна компанија MKE (Makine ve Kimya Endüstrisi). Според фотографиите, на плочката во кутијата стои натпис дека тоа е „првиот револверски пиштол произведен во нашата земја“.
Турска индустрија главно произведува полуавтоматски пиштоли, па ГГумушаи Магнум 357 (Gümüşay) е релативно редок и има колекционерска вредност. Токму затоа Ердоган го избрал како симболичен подарок со кој ја претставува турската традиција во производството на оружје.
Пиштоли добија и лидерите на ЕУ – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Ќе ги следиме белгиските процедури за да го донесеме [пиштолот] во Белгија, а потоа ќе го складираме во согласност со безбедносните барања што ги наметнува Генералниот секретаријат на Европскиот совет“, изјавил за „Политико“, службеник од Европскиот совет посочувајќи дека тимот на Коста го однел оружјето на проверки.
Британскиот премиер Кир Стармер, го оставил пиштолот кај британските претставници во Анкара за да биде деактивиран и потоа да биде испратен во Лондон бидејќи увозот на боево огнено оружје во Велика Британија е забранет, објави Би-би-си.

И од кабинетот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за ДПА одговориле дека пиштолот го предале во германската амбасада во Анкара со цел да се спроведе процедура за тој законски да биде пренесен во Берлин. Секој примерок подарен на лидерите бил сместен во дрвена кутија со логото на НАТО и турското знаме и бил персонализиран со името на примачот.
Самитот на НАТО во Анкара се одржа на 7 и 8 јули. Македонската делегација ја предводеше претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а во неа неа, меѓу другите беа и шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.


