Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, на лидерите на земјите-членки на НАТО, кои присуствуваа на Самитот на Алијансата во Анкара, им врачил необични подароци – пиштоли и кутија со боева муниција.
Секој од пиштолите е персонализиран – со изгравирано име на лидерот, објавија повеќе западни медиуми.
Ројтерс објави и фотографија од кабинетот на претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, на која се гледа пиштолот што тој го добил од турскиот колега.
Двајца претставници на ЕУ за Политико потврдиле дека такви подароци добиле и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Ќе ги следиме белгиските процедури за да го донесеме [пиштолот] во Белгија, а потоа ќе го складираме во согласност со безбедносните барања што ги наметнува Генералниот секретаријат на Европскиот совет“, изјавил службеник од Европскиот совет посочувајќи дека тимот на Коста го однел оружјето на проверки.
Слична е ситуацијата и со британскиот премиер Кир Стармер.
Би-би-си објави дека Стармер не го вратил револверот во Лондон туку го оставил кај британските претставници во Турција со цел да биде деактивиран односно да не може да се користи за пукање. Тоа е така, како што посочува медиумот, бидејќи увозот на боево огнено оружје во Велика Британија е нелегален. Откако ќе биде деактивиран, пиштолот ќе биде однесен на Даунинг стрит.
Од кабинетот на германскиот канцелар Фридрих Мерц за ДПА одговориле дека пиштолот го предале во германската амбасада во Анкара со цел да се спроведе процедура за тој законски да биде пренесен во Берлин.
Колегиум.мк упати прашање и до кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова – дали и таа добила персонализиран пиштол како подарок од Ердоган. До објавување на овој текст, редакцијата не доби одговор.
ДПА објави дека засега не добиле одговори од кабинетот на Ердоган за нивните прашања за поклонувањето на пиштоли на лидерите во НАТО.
Самитот на НАТО во Анкара се одржа на 7 и 8 јули.


