Организирањето подарувања или популарно познатите „гивавеј“ (giveaway), меѓу кои и лајкови и тагирања по социјалните мрежи со цел добивање некоја награда, повеќе нема да биде нерегулирано.
Од 14 јули стапуваат на сила новите правила пропишани со новиот Законот за игри на среќа и за забавни игри. Тие предвидуваат дека приредувачите мора да извадат задолжителна дозвола од Министерството за финансии најдоцна 30 дена пред почнување на играта, како и надоместок за приредувањето, јавно објавување на правилата и резултатите и јасни рокови и услови за организација на „гивавеј“.
Што е „гивавеј“?
Законот воведува и јасна дефиниција што значи „гивавеј“. Така, се дефинира како игра на среќа во која влогот за учество се состои од активности како лајкување, тагирање, споделување или објавување содржини, а како организатор се јавува трговско друштво или трговец-поединец кој ги рекламира производите или услугите на вообичаен или електронски начин преку интернет, мобилни уреди и други платформи.
„Законот ги дефинира и поимите ’лајкување‘ и ’тагнување‘ како влог за учество во овие игри на среќа. Лајкувањето претставува покажување интерес или позитивна реакција кон одредена содржина, додека тагнувањето претставува означување лице, фотографија или видео, кога таквата активност е услов за учество во играта“, потенцираат од Министерството за финансии.
Кои правила се наметнуваат?
Законските прописи предвидуваат оти ако „гивавејот“ го приредува трговец поединец, до Министерството за финансии со барањето за дозвола треба да достави и кои се правилата, докази од каде потекнуваат наградите, документ за регистрација од Централен регистар, последна годишна сметка, доказ за платени даноци, царини и придонеси, како и да плати 100 евра.
Трговско друштво, пак, треба да достави и дополнителен доказ дека не било казнувано за кривични дела и не му е изречена некаква споредна забрана за приредување на игри на среќа.
Организаторот на „гивавејот“ ќе треба да плати и надоместок за приредување во висина од 18 проценти од вредноста на наградите.
„Новина е и тоа што правилата на играта задолжително треба јавно да бидат објавени пред започнување на подарувањето, а резултатите, односно добитниците, да бидат објавени најдоцна во рок од три дена од денот на извлекувањето или определувањето на добивките. Паричните и стоковните награди мора да бидат исплатени, односно преземени, во рок утврден со правилата на играта, кој не може да биде подолг од 60 дена од денот на објавувањето на резултатите“, велат од Министерството за финансии.
Оттаму се убедени дека на ваков начин, со воведување јасни правила и обврски, ќе се обезбеди поголема транспарентност, правна сигурност и заштита на граѓаните што учествуваат во вакви игри.


