Вработените во секторот игри на среќа излегоа на протест по најавените законски измени

Објавено:

Откако пред десет дена, Владата утврди нов Предлог-закон за игрите на среќа, вработените во овој сектор денеска (22 мај) излегоа на протест во Скопје.

Протестот го организираше Здружението „Сакам да работам“ од каде искажаа револт против новиот Закон кој предвидува дистанца од 500 метри за објектите. Вработените кои протестираа предупредија дека тоа ќе значи нивно затворање и губење на 10.000 работни места.

Претставничката на здружението, Оливера Костова реагира дека ваквиот законски предлог е донесен набрзина и без консултација со работниците.

Според неа, доколку ги изгубат своите работни места, вработените и нивните семејства ќе станат „кандидати за иселување во западните земји“.

„Ние не сме закана за младината. Закана за младината е популизмот кој со затворањето на легалните објекти ќе ги направи младите лесен плен на играчници на црно кои ќе се одвиваат по подруми, каде државата ќе нема никаква контрола“, предупреди Костова.

Доколку институциите не најдат решение за зачувување на нивните работни места, тие најавуваат радикализација на активностите преку масовни протести и блокади низ целата држава, заедно со сите вработени и нивните семејства.

Инаку, со Законот кој помина на владина седница се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта.

 Портпаролката на Владата, Венера Азизи рече дека обложувалниците не се предвидува дислокација, но на оние што се наоѓаат во радиус од 500 метри од училишта ќе им се забрани поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.

Ќе се воведуваат и рестрикции за рекламирањето на игри на среќа.

Обид за дислокација за казината, но и на обложувалниците имаше и во минатото и од претходната владејачка гарнитура која исто така донесе предлог-закон. Но, тоа во пракса не се случи. Остри реакции во повеќе наврати тогаш имаше Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) која тврдеше дека ќе мора да е затворат локални и тоа ќе остави без работа 10.000 вработени во овој сектор.