Забрани за казина на 500 метри од школите и на јавни личности во реклами за коцкање

Објавено:

Владата на Северна Македонија на седница денеска, 12 мај, утврди предлог-закон за игрите на среќа со кој се предвидува дислокација на казина и рестрикции во однос на рекламите за коцкање.

Ваквиот закон за да стапи на сила, прво ќе треба да биде усвоен и од пратениците во Собранието.

„Со законот се предвидува сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа во казина, автомат клубови и електронски игри на среќа да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта“, изјави портпаролката на Владата, Венера Азизи.

За обложувалниците не се предвидува дислокација, но на оние што се наоѓаат во радиус од 500 метри од училишта ќе им се забрани поставување на електронски видео-лотариски терминали и друга опрема за електронски игри на среќа.

Ќе се воведуваат и рестрикции за рекламирањето на игри на среќа.

„Се забранува рекламирање надвор од деловните простории доколку тоа има цел да ги поттикне граѓаните да учествуваат во игри на среќа. Се забрануваат пораки кои коцкањето го претставуваат како пат до финансиски успех, подобар живот или решение за лични и социјални проблеми“, посочи Азизи.

Таа додаде дека предлог-законот предвидува забрана за рекламирање преку познати личности и на содржини наменети за малолетници.

Од Владата ова го презентираа како нова и поодлучна фаза во борбата против нелегалното приредување игри на среќа, агресивното рекламирање и злоупотребите што нанесуваат штета врз граѓаните.

Оттаму потенцираат дека досега се затворени 358 нелегални странски платформи за онлајн коцкање кои функционирале без лиценца и контрола, како и без никаква заштита за граѓаните.

Обид за дислокација за казината, но и на обложувалниците имаше и во минатото и од претходната владејачка гарнитура која исто така донесе предлог-закон. Но, тоа во пракса не се случи. Остри реакции во повеќе наврати тогаш имаше Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) која тврдеше дека ќе мора да е затворат локални и тоа ќе остави без работа 10.000 вработени во овој сектор.