Додека последните подготовки за фестивалот беа во тек, а до отворањето остануваа помалку од 48 часа, фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ накратко потона во тишина. На само два дена пред почетокот на фестивалот, кој ќе се одржи денеска и утре (26 и 27) јуни во киното „Фросина“ во Младинскиот Културен Центар (МКЦ), ЕВН ја исклучи струјата. По околу два часа неизвесност и многу телефонски повици, вработените на ЕВН се вратија во МКЦ за да ја извадат „пломбата“ и да ја вклучат повторно струјата, велат за Колегиум.мк сведоци на настанот.
Од Градот Скопје потврдија за Колегиум.мк дека струјата им била исклучена неколку часа, затоа што парите што градот ги одвоил за финансиска инјекција за МКЦ им ги „лапнале“ извршители.
„Во однос на електричната енергија, средствата за покривање на режиските трошоци беа префрлени на сметката на МКЦ. Меѓутоа, во меѓувреме тие беа повлечени од страна на извршител поради други, претходно наследени обврски. Ситуацијата беше веднаш надмината и снабдувањето со електрична енергија беше брзо повторно воспоставено“, велат од Градот Скопје.
Долгови од над 270 илјади евра
Причината за овој инцидент го отвара прашањето за тоа во каква финансиска состојба е Младинскиот културен центар, штом дошло на ред ЕВН да ја исклучи струјата. Вработените во МКЦ се жалат дека неплатените сметки за струја им се само дел од главоболката. Хонорарците со месеци не добиле пари за извршените работни задачи, добавувачи се закануваат со раскин на договори, а извршители им тропаат на врата. Не работи ниту веб-страницата, бидејќи според дел од вработени, ниту тоа не е платено. Но, во јавноста нема детали за тоа колку е задолжена оваа институција.
Од Градот Скопје под чија надлежност е оваа институција велат дека ја наследиле задолжена за 25 милиони денари, односно 406 илјади евра долг кон кон добавувачи, автори и за програмски активности.
Во изминатава половина година, долгот бил намален за 130 илјади евра – на 276 илјади евра, објаснуваат градските служби.
„Со ребалансот на Буџетот во јуни беа обезбедени дополнителни 5 милиони денари за подмирување на дел од наследените обврски. Истовремено, обезбедени се и повеќе од 15 милиони денари за капитални проекти, меѓу кои реконструкцијата на кино ‘Милениум’ и реконструкцијата на Планетариумот. Овие инвестиции се од клучно значење и ќе придонесат МКЦ да стане финансиски поодржлива институција на долг рок“, велат од Град Скопје.
До објавување на овој текст од Младинскиот културен центар не одговорија на нашите прашања за причините околу лошата финансиска состојба на оваа институција.
Но, ако се направи споредба на податоците за минатата 2025 година, од Градот Скопје и од Министерството за финансии се забележува разлика. На пример, новата градска власт кон крајот на 2025 година утврдила дека МКЦ има долгови од 407 илајди евра, но МКЦ во својата пријава до Министерството за финансиии запишале помалку пари, односно неисплатени обврски во вредност од 300 илјади евра.
Според јавно достапните податоци, во 2023 година, МКЦ имала приход од 1,3 милиони евра и неплатени обврски од 270 илјади евра. Во 2024 година приходот се намалил на 1,2 милиони евра, а долгот пораснал на 300 илјади евра.
Од Градот Скопје велат дека и покрај потешкотиите МКЦ ќе продолжи со својата програма и оти нема ризик за неоддржување на престојниот фестивал.
„Град Скопје има обезбедено финансиски средства за секој настан од програмата на МКЦ директно во Буџетот на Градот, поради што не постои ризик за одржувањето на претстојните фестивали и останатите културни настани. Очекуваме финансиската состојба на МКЦ целосно да се стабилизира и расчисти на почетокот на 2027 година“, се вели во одговорот од градските служби за Колегиум.мк.
Од рентабилна институција до заглавена во долгови
МКЦ до 2023 година беше една од ретките јавни институции под капата на Градот Скопје која што работеше профитабилно. Според податоците кои во јавност тогаш ги споделија вработените стануваше збор за сметка со 120 илјади евра плус на салдо.

Проблемите со нејзиното раководење започнаа откако поранешнатаградоначалничка Данела Арсовска на позицијата вршител на должност директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), го назначи дипломираниот детектив, Никола Алексов, кој првиот работен ден ги смени бравите од сметководството и архивата во објектот.
Алексов, без професионално искуство во културата, беше именуван на директорската функција неколку дена по неговото вработување во МКЦ, откако не му беше продолжен мандатот на дотогашниот в.д директор Ванчо Богоев.
Во јуни 2023 година, Управниот суд донесе пресуда со која го поништи решението на Арсовска за именување на Алексов за в.д, директор на МКЦ. Оваа одлука ја донесе судот по тужбата што ја покренаа вработените кои тврдеа дека Алексов е незаконски поставен на директорската позицијата. Алексов тогаш не одговори на новинарските барања за коментар.
Тој застана на чело на оваа институција, по два дена работно искуство во онаа институција во која дојде од приватниот сектор каде што со дипломата за детектив се занимавал со обезбедување. Тогаш вработените во МКЦ јавно се спротивставија на поставувањето нестручен директор во нивната институција, посочувајќи дека се разочарани од несеризните игри кои се водат на нивниот грб.
Детективот Алексов на директорското столче во јануари 2023 година го замени Ванчо Богоев кој обвини дека е сменет затоа што не потклекнал на притисокот од тогашниот генерален секретар на Град Скопје да го потпише вработување на музичарот Арбен Шакири познат во јавноста како Бени. Една година подоцна на директрското столче во МКЦ седна Бени.
Инаку, првпат Бени Шаќири требаше да стане директор на МКЦ во времето на градоначалникот Петре Шилегов, но под притисок на јавноста тој се откажа да го назначи.
Скопскиот џез фестивал, Mлад отворен театар и Скопско лето се родија во „Домот на младите 25 мај“, како што во седумдесеттите гласеше името на денешниот Младински културен центар или кусо – МКЦ. Изграден со пари од солидарен фонд на скопјани и донации од владите на Алжир и СССР, во 1972-та беше свечено пуштен во употреба домот за културно издигнување на младите.
Реконструиран со европски пари од ИПА фондови, МКЦ прерасна во втор дом на бројни генерации. Тој стана дом на алтернативната културна сцена каде што се одржуваат по 200 настани годишно на кои учествуваат актери ентузијасти, рок бендови со првите концерти и уметници со свои изложби.
Во изминативе години МКЦ стана дел од европските културни мрежи како „LIveEurope“,„Scenergies“ и „Hope for Children“. Како градска институција која неретко служела и за политички поткусурувања, сепак, на крајот секогаш успевала да задржи здраво ткиво на квалитетни луѓе кои низ децениите ги организирале најавангардните настани од различни области на културата во метрополата.


