Владин возач уапсен за мито, за 1.500 евра „средувал“ вработување на пожарникар

Објавено:

Возач вработен во владината Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) е приведен во полициска акција со обележани пари наменети за мито и корупција. Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминали – Единицата за корупција во координација со надлежен јавен обвинител го привеле осомничениот во моментот кога му било предаден плик со обележани пари. Полицијата и обвинителството ги обележале парите кои пријавителот му ги дал на возачот за да му „среди “ вработување како пожарникар. За таа „услуга“ требало да плати 1500 евра.

„Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари“, се вели во соопштението од Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Осомничениот е вработен како возач во СОЗР, која функционира во рамките на Владата, односно како возач на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев. Од МВР најавија дека по целосно документирање на случајот до надлежното јавно обвинителство ќе биде поднесена соодветна пријава.

Поради постоење на опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците во постапката и ризик од повторување на кривичното дело, јавниот обвинител достави предлог за притвор, по што судијата на претходна постапка донесе решение со кое на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.

СОЗР управува со значаен буџет, државниот парк на возила, владините објекти и низа процеси за јавни набавки, што ја прави оваа институција една од најчувствителните на ризици од корупција.

Досегашните практики и анализи на антикорупциските експерти покажуваат дека без строг внатрешен мониторинг, транспарентност и јасни процедури при назначувањата, ваквите владини служби остануваат подложни на политички влијанија, злоупотреби и трговија со сопствената позиција.

Ова не е прв пат, оваа инстутуција да се најде во фокусот на јавноста поради сомнежи за корупција. Претходно Обвинителството отвори истрага против поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчевски. Тој беше беше осомничен дека го оштетил државниот буџет за над 400 илјади евра преку спорни договори и постапки. Судот за овој случај одреди и притвор.

Во јавноста редовно се отвораа афери за јавните набапки што ги спроведува СОЗР. Партиските обвинувања и дописи често адресираа доделување тендери вредни милиони евра на фирми поврзани со роднини или блиски луѓе до раководните лица на службата.

Политички реакции и обвинувања од опозицијата

Апсењето на возач вработен во СОЗР, кој барал поткуп за посредување при вработување, предизвика остри политички обвинувања помеѓу владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ. Додека полицијата и обвинителството постапуваат со обележани пари, опозицијата ја поврзува аферата со генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.

Случајот предизвика реакција од опозициската партија СДСМ, која преку соопштение го окарактеризира овој чин како дел од делување на организирана криминална група, поставувајќи прашања во јавноста дали уапсениот возач дејствувал самостојно или бил само продолжена рака и посредник на генералниот секретар Игор Јанушев.

Од СДСМ велат дека случајот покажува оти, како што тврдат, „сите земаат мито, дури и возачите на Владата“, додавајќи дека станува збор за „организирана криминална група“.

„Да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди, цела Влада ќе беше уапсена“, наведуваат од СДСМ.

Дополнително, СДСМ изрази сомнежи во независноста на институциите, повикувајќи се на споредби со претходни слични случаи кои ја потресоа јавноста, како што беше постапката поврзана со телохранителот на премиерот Христијан Мицкоски, кој беше обвинет за семејно насилство.

На опозициските обвинувања остро одговори владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, отфрлајќи ги тврдењата на СДСМ и обвинувајќи ја опозицијата дека се обидува да го заштити криминалот. Од владејачката партија истакнаа дека брзата реакција на институциите и акцијата со обележани пари докажуваат дека правната држава функционира и дека никој не е над законот, без разлика на неговото работно место. Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат и дека од СДСМ очигледно ги помешале лончињата“, па кога ќе се апсат митаџии и криминалци тие сакаат таа слика да ја претстават за сите.

„Да беше во време на СДС немаше ништо од ова да се знае, затоа што никој немаше да биде санкциониран, а тие пари одамна ќе легнеа кај некој од главешините на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според ставот на ВМРО-ДПМНЕ, институциите во државата професионално си ја вршат својата работа санкционирајќи ги незаконските дејствија, за разлика од минатото, а секој обид за политизирање на овој чин го оцени како хистерија и саботажа на правниот систем од страна на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

До објавувањето на овој текст ниту Обвинителството ниту од МВР не се објавени официјални детали за тоа колку пари биле побарани за мито, ниту за какво конкретно работно место се нудело посредување, ниту пак дали уапсениот возач Д.Ц. се повикувал на директно влијание од претпоставените функционери.

Во последниот извештај на Државната комисија за спречување на корупцијата редовно алармира за ризиците од корупција при вработувањата во јавниот сектор, оценети како една од најранливите точки. Анализите покажуваат дека огласите за вработување често се наместени за однапред избрани лица, а дискреционите права на функционерите се злоупотребуваат.

И Европската Унија во низа последователни извештаи посочува дека јавната администрација во Македонија останува високо партизирана. Се забележува дека наместо систем на заслуги (merit system), вработувањата и унапредувањата во државните органи често се засноваат на политичка лојалност и партиски врски.

Македонија со години се соочува со низок ранг на глобалниот индекс на светската организација Транспаренси Интернешнл, каде што системската корупција во државните апарати и клиентелизмот односно купувањето поддршка преку државни работни места се истакнати како главни пречки за развојот на правната држава.

Постапувајќи по случајот, Јавното обвинителство ја нагласи клучната важност на навременото пријавување корупција и соработката со граѓаните, што е од суштинско значење за брза реакција, обезбедување докази и одлучно справување со сите коруптивни дејствија.

Последни објави