Европската комисија во најновиот извештај за владеењето на правото во Северна Македонија предупредува на сериозни слабости во судството и борбата против корупцијата. Се признава напредок во изборните процеси и усвојувањето на нови стратегии, но главните критики се насочени кон политичкото влијание и недоволната имплементација на антикорупциските мерки.
Во него се наведува дека довербата во независноста на судството е драматично ниска, односно дека само 21% од граѓаните и 19% од сопствениците на компаниите сметаат дека судовите и судиите работат независно. Ова е пад во споредба со 2025 година, кога такво мислење имале 28% од населението и 26% од стопанството. Главните причини за недовербата се политичкиот притисок и влијанието на економски интереси, кои граѓаните и компаниите ги гледаат како клучни пречки за вистинска независност на правосудството.
Политичкото влијание и недоволните буџетски средства остануваат голем проблем се заклучува во него. Недостигот на кадар ја намалува ефикасноста. Во 2025 беа избрани 97 нови судии и обвинители, но обуката за следната генерација е блокирана поради финансиски ограничувања. Идната генерација судии е „заглавена“ откако Академијата за судии и обвинители го откажа приемот на 130 кандидати поради недостиг на пари. Тоа значи дека до 2028 нема да има нови судии или обвинители. Во моментов се пополнети само 432 од 636 предвидени судиски места, а 84 судии ќе се пензионираат до крајот на 2028.
Парите стануваат се поголем проблем. Судството и обвинителството функционираат со буџет под половина од законскиот минимум, само 0,28% од БДП, наспроти пропишаните 0,8%.
Комисијата нотира дека мешањето и притисокот од другите државни гранки ја загрозуваат судската независност.
„Избраните функционери и владините претставници ги засилија своите лични критики против судиите и обвинителите, обвинувајќи ги за корупција. Беа дадени и изјави од највисоките нивоа на Владата за планови за прочистување на судството и обвинителството. Овие изјави ризикуваат да ја поткопаат независноста и принципот на поделба на власта“, се наведува во извештајот.
Овие пораки, според ЕК, ризикуваат да ја поткопаат независноста на судството и принципот на поделба на власта. Дополнително, судиите и обвинителите се соочуваат со зголемен притисок преку јавни кампањи за дискредитација,и онлајн и во медиумите, во кои учествуваат високи функционери и политичари, забележува ЕК.
Како реакција, Судскиот совет, Врховниот суд и Здружението на судии заеднички издадоа јавно соопштение, изразувајќи загриженост за постојаните, неосновани критики кон судството. Тие предупредија дека ваквите напади ја нарушуваат судската независност и ги кршат демократските принципи на поделба на власта.
Во тој контекст е спомената и постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, и покрај негативното мислење на Советот за јавни обвинители.
Изменетиот Кривичен законик, донесен како привремено решение по проблематичните измени од 2023 година, е оценет како недоволен. Казните за потешки злоупотреби на службена положба се намалени, што го скратува рокот на застареност и остава помалку време за истрага на комплексни случаи. Како резултат, се создава „чувство на неказнивост“, бидејќи високопрофилните случаи ретко завршуваат со правосилни осуди.
Во извештајниот период обвинителството започна неколку истраги против сегашни и поранешни високи функционери, што резултираше со обвиненија и тековни судења. Но, несоодветната законска рамка, недоволните човечки и финансиски ресурси и одложувањата во постапките го попречија развојот на солидно портфолио на случаи.
Ефикасноста на Јавното обвинителство и на Обвинителството за организиран криминал и корупција останува ограничена поради растечкиот број предмети, недоволен број обвинители, застарена техничка опрема и недоволни финансиски средства.


