Интерпелацијата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска, 10 јуни, ќе биде на дневен ред пред пратениците во Собранието. Разрешување на министерот бара опозицијата поради „сериозни сомнежи за системска корупција“, но тешко дека ќе успее да го разреши првиот човек во земјоделството со оглед дека нема поддршка од пратеници кои се од редовите на владејачките партии што го имаат мнозинството го парламентот.
Интерпелацијата, предводена од социјалдемократите, доаѓа на дневен ред речиси два месеци откако беше поднесена на 18 април.
„Интерпелацијата се поднесува поради сериозни сомнежи за системска корупција во ресорот, потврдени со апсења на високи функционери за примање мито и директно загрозување на јавниот интерес. Истотака и поради суспензијата на ИПАРД 3 програмата која предизвика огромна финансиска штета и неизвесност за земјоделскиот сектор и корисниците на средствата“, пишува во документот што денеска ќе се најде пред пратениците.
Трипуновски, пак, веднаш ја оцени како „неиздржана“ велејќи дека доаѓа од опозиција која е безидејна и на која ѝ недостига сериозна конструктивност за да биде коректор на власта.
„Имаме доволно аргументи со кои ќе се соочиме и ќе покажеме што е сработено во изминатите две години, за разлика од нивните седум години“, рече министерот.
На околу две страници образложение, пратеници што бараат разрешување на Трипуновски потсетуваат оти во 2025 и почетокот на 2026 јавноста беше сведок на неколку коруптивни скандали.
„Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Васе Анакиев, беше фатен и приведен при примање поткуп во износ од 100.000 евра, од кои 50.000 евра во готовина кај него. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беше фатен како бара поткуп од 50.000 евра за незаконско доделување грант од ИПАРД 3 програмата. Овие настани директно резултираа со суспензија на ИПАРД 3 програмата, со вкупен буџет од околу 130 милиони евра, со што беа загрозени најмалку 24 компании кои очекувале исплата на средства, а штетата за целиот сектор е огромна и долгорочна“, пишува во документот од СДСМ.
Опозицијата се сомнева и за селективност и фаворизирање за доделување субвенции на винариите, а обвинува и за директно прекршување на законската обврска за предвидена производна цена на виното и непочитување на механизмот за формирање реална пазарна цена.
„Воедно, ниту една земјоделска култура нема гарантирана цена“, пишува во интерпелацијата.
За аферата поврзана со злоупотреба на ИПАРД-фондовите и митото во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството случај покрена и обвинителството тврдејќи дека имало поткуп од 50.000 евра со цел да има незаконско одобрување на пари од европските фондови.
За предметот се води судски процес, а во мај една од обвинетите, советничката од Министерството за земјоделство, призна дека земала мито за влијание врз рангирањето на апликациите за ИПАРД средствата и доби 10 месеци затворска казна.
Во меѓувреме, власта покрена случај за злоупотреби во време на поранешната Влада кога министер за земјоделство беше Љупчо Николовски од СДСМ. Дел од медиумите веќе објавија дека има сомнежи за ексминистерот за злоупотреба на јавна набавка која ја спровел за повеќе од 800.000 евра, спротивно на Законот за јавни набавки. Николовски наводно го пријавиле земјоделци кои тврдат дека се оштетени за исплати од Министерството.
Николовски на 7 мај беше повикан и на разговор од Единицата за економски криминал и корупција при МВР. Тој реагираше дека е жртва на монтиран случај со цел да се дефокусира јавноста од проблемите на актуелната власт.
Ова се случува, посочи тој во реакцијата, кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери – доцнат субвенции, откупните цени се ниски, поништени се повици за рурален развој.


