Љупчо Николовски, поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и екс вицепремиер задолжен за борба против корупцијата, минатата недела бил повикан на информативен разговор во СВР Скопје. Од Министерството за внатрешни работи информираа дека Николовски бил повикан на 7 мај, во Единицата за економски криминал и корупција, но повеќе детали засега не се откриваат.
Николовски кој е актуелен пратеник на СДСМ на својот Фејсбук профил напиша дека е жртва на монтиран случај и дека тоа се прави за да се дефокусира јавноста од вистинските проблеми на актуелната власт.
„Еден монтиран случај. Толку им требаше на актуелното раководство за да се обиде да ја покрие сопствената неспособност и криминал и тоа напаѓајќи ја најуспешната реформа во земјоделството. Се случува ова во момент кога незадоволството кај земјоделците е на невидени размери: доцнат субвенциите, ниски се откупните цени, поништени се повиците за рурален развој. Кога владата не може да се справат со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус“, напиша Николовски на Фејсбук.
Според неофицијални информации, дел од медиумите веќе објавија дека Николовски е осомничен за злоупотреба на јавна набавка која ја спровел додека бил министер за повеќе од 800.000 евра, спротивно на Законот за јавни набавки. Николовски наводно го пријавиле земјоделци кои тврдат дека се оштетени за исплати од Министерството.
Николовски пак ја обвини актуелната власт и за низа скандали во земјоделскиот сектор,
меѓу кои и случаи поврзани со ИПАРД, Платежната агенција и Земјоделскиот инспекторат.
Последната афера во земјоделскиот сектор беше поврзана со злоупотреба на ИПАРД-фондовите и мито во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството. Според обвинителството, во случајот бил ветен поткуп од 50.000 евра за незаконско одобрување средства од ИПАРД-програмата. Во аферата се опфатени службени лица, функционери и посредници.
Деновиве беше изречена и првата пресуда во овој случај. Советничката од Министерството за земјоделство Јасмина Костадинова доби 10 месеци затвор откако признала дека примила мито за влијание врз рангирањето на апликации за ИПАРД средства. Опозицијата тврдеше дека поради корупцискиот скандал била загрозена ИПАРД 3 програмата вредна околу 130 милиони евра.


