Институционална тишина по гласниот говор на омраза кон жените во политиката

Објавено:

Политичките ставови кои ги застапуваат и одлуките кои ги носат, веќе одамна не се единствената основа врз која почиваат критиките кон жените во домашниот политички свет. Напаѓани за нивниот изглед, соочени со навреди упатени кон нивното семејство, политичарките во Македонија се на замаглена граница меѓу издржаната критика и говорот на омраза, која фрла сенка врз демократијата. Неретко разединети во политиките и идеологијата, жените во политиката кои го споделија своето искуство за Колегиум, делат слично искуство, колку е поголемата политичката одговорност толку се поголеми навредите кон нив.

Родот е третата најчеста основа за говор на омраза во Северна Македонија, покажува Извештајот на Фондацијата Метаморфозис за 2025 година. Од вкупно 138 евидентирани инциденти на говор на омраза во традиционалните медиуми и на социјалните мрежи, речиси 20 проценти биле насочени врз основа на род.

Иако Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не води евиденција дали подносителите на претставки се занимаваат со политика или не, потврдува дека прима пријави од жени за дискриминација и вознемирување во јавниот простор и медиумите. Според Комисијата, жените, особено оние поактивните во политиката, медиумите и јавниот живот, се изложени на поголем ризик од родово базиран говор на омраза, кој често вклучува сексистички стереотипи, навреди за физичкиот изглед и закани, со цел нивно замолчување и обесхрабрување од јавното делување.

Со какви напади се соочуваат жените во политиката?

Говорот на омраза е „постојан придружник на јавната функција, особено кога станува збор за жени“, вели владината портпаролка Марија Митева.  Функцијата владин портпарол само им дала поголема видливост на нападите и дискредитацијата. Но, како што вели за Колегиум.мк, тие не започнале со назначувањето на функцијата, туку многу порано.

„Уште во периодот кога бев активна во партијата, кога работев во политичката комуникација како портпарол на партијата, дури и во краткиот период како пратеничка во македонското Собрание, буквално од првиот момент кога започнав поинтензивно да настапувам во јавноста, се соочував со истиот пристап. Она што се менува е само интензитетот“, објаснува Митева.

Говорот на омраза најмногу го среќава во онлајн просторот, во кој како што вели, однесувањето на луѓето е сосема поинакво од она во реалниот живот. Анонимноста заштитена со тастатурата прави да биде невозможно да се открие разликата кој стои зад нападите „поединец, политички активист, организирана група или некој што едноставно решил да ја злоупотреби анонимноста“.

Понекогаш меѓу оние кои не се анонимни, а често навредуваат, како што посочува Митева, стојат луѓе со фотографии од семејството, децата и внучињата. Но, за неа, најголемо разочарување се негативните коментари кои доаѓаат од жени.

„Она што мене лично најмногу ме разочарува не се нападите од политички неистомисленици. Тоа е легитимен дел од јавниот живот. Најтешко ми е кога гледам жени кои користат навреди кон други жени. Особено кога станува збор за повозрасни дами, личности кои со своето животно искуство би требало да бидат пример за достоинство, мудрост и меѓусебна поддршка“, објаснува Митева.

Пријави за закани, но без исход

Фотографии од зградата пред која живее направени со физичко следење осамнале од социјалната мрежа Х, вели поранешната министерка за одбрана и пратеничка на опозициската СДСМ Славјанка Петровска. Ова е првиот посериозен напад со кој се соочила пред две години, и кој како што вели го пријавила веднаш во полиција.

„Уредно беше примена пријавата, но нема никаков резултат. После една година доставив писмено барање да ме известат до каде е евентуалната истрага и до денес немам добиено никаков одговор“, додава Петровска.

Но, нападите кон неа не завршиле тука.

„Во јули 2025 година, пред мојот дом лично ми беше упатена закана по животот, и тоа го пријавив во МВР, и од за тој случај немам никакво известување“, додаде таа.

Говорот на омраза кон неа бил најочигледен во периодот кога стоеше на чело на ресорот Одбрана, но и за време на функцијата дополнителен заменик министер за внатрешни работи.

„Особено беа видливи и многу чести кога јавно застанав зад одбраната на Украина и кога како министерка предлагав одлуки и стоев зад нив, а се однесуваа на донација на воена помош и опрема за Украина. Организирани ботови кои се поврзуваа со руски центри, но и со тогашните опозициски партии секојдневно ме напаѓаа на социјалните мрежи“, истакна пратеничката, чиј физички изглед често е „основа“ за навредливите коментари кои, како што вели таа, генерално се сексистички и мизогени.

Родовиот говор на омраза добива и етничка основа, но заменик министерката за транспорт и врски, Калтрина Зеколи Шаќири никогаш досега не поднела пријава.

„Мојот фокус е насочен кон работата, иако сметам дека овој феномен заслужува поголемо внимание и посериозен третман од сите општествени чинители“, вели Зеколи Шаќири за Колегиум.мк.

Границите на нормалната политичка дебата, најмногу се изместуваат во предизборието, тогаш, како што појаснува, никој не е поштеден, особено не жените во политиката.

Но, функционерската улога на Зеколи Шаќири не е единствена, како мајка и сопруга, објаснува дека навредите, носат дополнителен товар кој понекогаш тешко се сокрива.

„Сепак, се трудам да останам силна и да не дозволам овие коментари да влијаат врз мојата работа. Секако, ова предизвикува загриженост и кај моето семејство и најблиските, особено кога станува збор за неосновани обвинувања и коментари“, додава заменик министерката.

molk

Пратеничката од Влен (Вреди), Саранда Имери-Стафаи себеси се доживува како една од најчестите мети на социјалните мрежи, и тоа не само од лажни профили, туку и од колеги пратеници, претседатели на ограноци и други функционери кои кон неа користеле говор на омраза.

Имери-Стафаи побарала и правна заштита, па поднела тужба против пратеник за навреди. Но, нејзиниот случај веројатно заглавил во бирократски лавиринти.

„Речиси сите жени се повлекуваат, особено од јавните настапи, поради ваквите навреди. Но, кај мене тоа не поминува. Ако молчиш, никој нема да реагира. Тоа е исто како да не правиш ништо, а на жените им се потребни храброст и одлучност“, заклучува пратеничката.

Љубовта кон музиката, како втора професија ја прави поранлива на вербални напади, навреди и етикетирања.

„Коментарите главно се состојат од различни етикетирања, навреди и напади поврзани со мојата професија како пејачка. Често се среќавам со навреди од типот: „Земи го микрофонот, не си за политика.“ Исто така, овие коментари не се однесуваат на мојата работа и ставови, туку се насочени кон дискредитација врз основа на мојата професија“, посочува Имери-Стафаи.

Комисијата за заштита од дискриминација може да постапува и по сопствена иницијатива

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека независно од професијата жените секогаш се поизложени од мажите на навреди, закани и деградирачки говор, а тоа има двоен ефект. Ваквиот говор ја повредува конкретната жена, но истовремено испраќа порака до сите жени дека нивното учество во јавниот, политичкиот или професионалниот живот не е добредојдено, наведуваат од Комисијата во писмениот одговор до Колегиум.мк

Ова тело може да постапува и по сопствена иницијатива, односно и кога засегнатата личност нема поднесено претставка, но како што истакнуваат, тоа зависи од сериозноста на изјавите.

Кога кон една жена ќе бидат искажани навредливи, сексистички или омаловажувачки изјави во јавноста, Комисијата оценува дали е мета нејзината политичка идеологија или пак се однесува на нејзините лични карактеристики, полот, родот, етничката припадност, возраста или друга законски заштитена основа. Оттаму велат дека особено е важно дали преку говорот на омраза се промовира предрасуди, стереотипи или омраза кон поширока група лица.

„На пример, доколку една жена во политиката е нападната со пораки кои ја омаловажуваат поради тоа што е жена и кои истовремено испраќаат порака дека жените не треба да учествуваат во политиката или јавниот живот, тогаш штетата не се ограничува само на поединката, туку се одразува врз сите жени како општествена група. Во такви случаи постои поголем јавен интерес Комисијата да реагира и без формална претставка“, се додава во одговорот.

Од перспектива на еднаквоста и недискриминацијата, од Комисијата појаснуваат дека ваквите појави не се проблем само на поединечните жртви.

„Тие имаат пошироки општествени последици бидејќи придонесуваат за одржување на родовите нееднаквости и создавање непријателска средина за жените во целина“.

Стевковска: Сè повеќе насилство, а одговорноста скоро воопшто ја нема

Овие навреди креираат средина со дополнителни бариери и притисоци кои директно влијаат врз женското учество во јавниот живот, смета активистката за родова еднаквост, Марта Стевковска која работи како истражувачка во Мрежа Стела .

„Тоа е резултат и на наративите општо за жените во нашето општество. Сведоци сме на сè поголемо онлајн насилство, но и физичко насилство и фемициди, а одговорноста скоро воопшто ја нема. Се дозволува нормализација и релативизација на насилството, а токму насилството не почнува секогаш со физички напад, туку со мизоген коментар, сексистичка „шега“ или родово-базиран говор на омраза“, додава таа.

Потенцирајќи го малото учество на жените на клучни позиции, укажува „колку малку се работи на родовата еднаквост“. Ваквиот став го поткрепува со последниот извештај од Европскиот Парламент за напредокот на државата, во кој се бара усвојување на Законот за родова еднаквост, Законот за работни односи и Законот за спречување и заштита од вознемирување на работното место, во согласност со европските стандарди.

„Со тоа, би се унапредил квалитетот на живот за жените и би се постигнал напредок во поглед на родовата еднаквост, особено во однос на нивната економска, политичка и општествена вклученост“, додава Стевковска за Колегиум.

Исклучок од малото присуство на жените на високи функционерски позиции во државата е претседателската позиција која ја пред две години ја освои Гордана Сиљановска Давкова. Но, активистката Стевковска посочува дека понискиот функционерски ешалон бројот на жени е значително помал.

Иако македонското законодавство предвидува најмалку 40 проценти застапеност на помалку застапениот пол на кандидатските листи, меѓународните организации, меѓу кои Обединетите нации и Советот на Европа, како крајна цел ја поставуваат еднаквата, односно 50-процентна застапеност на жените и мажите во политичкото одлучување.

„Тоа заедно со традиционалните мизогени и стереотипни гледишта на жените дека „местото не им е во политика“ придонесува за жал да бидат често напаѓани со негативни коментари, говор на омраза но и физичко насилство како што беше случајот со поранешната градоначалничка Данела Арсовска“, заклучи нашата соговорничка.

Студија на случај: Родов говор на омраза за време на претседателските избори во 2024 година

Актуелната претседателка, Гордана Сиљановска Давкова се соочи со токсичен говор уште за време на изборите во 2024 година кои ја донесоа на оваа функција. Во прилог на ова говори и Студијата на случај на Институтот за комуникациски студии (ИКС), кој нотираше дека последните претседателски избори се карактеризирале со жесток дискурс на социјалните мрежи честопати насочен против кандидатките.

Една од најчесто користените навреди кон Гордана Сиљановска Давкова беше квалификацијата „Баба Гога“, која ја имаше во поголем број коментари. Овој термин не беше само навреда во врска со нејзината возраст туку се користеше и како средство за исмејување на нејзината политичка инволвираност, честопати споредувајќи ја со машки политичари, како што е американскиот претседател Џо Бајден, и тоа на погрден начин, наведуваат од ИКС во нивната студија.

Анализата утврди дека токсичните пораки беа позастапени на социјалната платформа Фејсбук, каде што се констатирани 55 проценти од ,како што ги опишуваат, екстремно токсични пораки.

Институтот констатирал дека тогашната кандидатка на политичката партија Левица, Билјана Ванковска, не била предмет на истиот степен на напади како нејзината колешка Сиљановска Давкова. Ваквата разлика може да се припише на тоа што Ванковска не напредуваше во вториот круг на изборите и на тоа што таа не беше поврзана со која било од двете главни политички партии, ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ, се наведува во извештајот.

Сепак, и малкуте пораки, според ИКС се загрижувачки, бидејќи како што велат, тие имаат потенцијал да влијаат на јавната перцепција преку пласирање лаги или преку заплашување.

Според Институтот, штетната комбинација од сексизам, старосна дискриминација и политички навреди ја нагласува потребата од постоење на подобри практики на модерирање на социјалните мрежи, како и поголеми напори за промовирање на политички дискурс кој ќе подразбира почит и уважување.

За целите на анализата биле анализирани над 1.600 коментари на социјалните мрежи пораки од деловите за оставање коментари, не од официјалните објави направени од политичките партии или од самите кандидати.

Овој напис е подготвен во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда.