Договор со коалициските партнери Влен и ЗНАМ околу ресорите за најавената реконструкција на владата принципиелно е постигнат, но кадровските решенија и имињата на новите министри ќе бидат соопштени дури откако ќе заврши седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изјави на 29 јуни премиерот Христијан Мицкоски.
Министерствата за правда, култура и здравство се клучните во преговорите за реконструкцијата на Владата, покажуваат изјавите на дел од владините коалиционери.
ВЛЕН со едно министерство повеќе од претходно
Генерален секретар на ВЛЕН и актуелен вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали, најави дека неговата партија ќе раководи со шест министерства, наместо досегашните пет.Според најавата за нив нови ќе бидат министерските фотелји во правда, култура и односи меѓу заедниците, додека се откажуваат од здравство и труд и социјална политика. Непроменети ќе им останат министерствата за евроинтеграции и животна средина со која раководат Сали и Мухамед Хоџа.
Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во врска со информациите дека Влен го презема ресорот правда од ЗНАМ и што би добила партијата на Максим Димитриевски како замена, остана на ставот дека нема да коментира детали пред партиските тела.
„Додека не се заврши седницата на Извршниот комитет на партијата, нема да коментирам ниту ресори ниту имиња. Почекајте до утре до 20 часот, јавноста ќе биде подетално запознаена“, изјави тој.
Сали на позицијата вицепремиер дојде во декември 2025 година на место на неговиот сопатиец Орхан Муртезани кој беше разрешен.
Во меѓувреме позицијата вицепремиер за добро владеење и натаму е празна и нема информации кој ќе ја добие. Таа претходно му припаѓаше на претставник на Влен, Арбен Фетаи кој поднесе оставка на 1 јуни годинава, откако околу три месеци, според изјавите на претставници на владата, не се појавуваше на владини седници.
Шасивари во правда место Филков, Сулејмани во култура место Љутков
Според неофицијалните најави од Влен, за нов министер за правда ќе биде предложен професорот по уставно право и административно право на Штуловиот универзитет Јетон Шасивари, додека за култура ќе биде Седат Сулејмани кој досега ја извршуваше функцијата заменик-министер. На овие позиции досега беа Иван Филков од ЗНАМ и Зоран Љутков од ВМРО ДПМНЕ.
За промената во министерството за односи меѓу заедниците, потврда пристигна во кус пост на социјалната мрежа Фејсбук од актуелниот министер Иван Стоилковиќ од Демократската Партија на Србите.
„Пред веќе извесното заминување од МОЗ нека остане забележано дека од “сива зона” на системот денеска Министерство со нова систематизација средено и организирано го оставам на мојот наследник”, напиша тој.
Дополнително наведе дека за две години мандат било намалено, како што вели, ненаменското трошење на буџетски пари за фиктивни набавки, преголеми трошоци за консултантски и угостителски услуги и исплати за лица кои не биле активни на работа. Сега, како што се наведува, е завршена прераспределбата на административците и е укината практиката на „седи дома, земај плата“, со што се намалува бројот на такви случаи во Министерството.
ЗНАМ: Ќе бидеме посилни по реконструкцијата
Коалициски партнер во Владата од движењето ЗНАМ, пак, вели дека по владината реконструкција, движењето ЗНАМ ќе биде посилно и кадровски и со потенцијал и во располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, одговарајќи на новинарски прашања во врска со претстојната реконструкција на Владата на 27 јуни истакна дека не сака да ги коментира шпекулациите во јавноста и дека сите опции се на маса.
ЗНАМ е секогаш подготвен во интерес на поголем просперитет на државата и поголема благосостојба на граѓаните, да дава поддршка на Владата и владината програма, притоа не водејќи се од клиентелистички пристап да инсталира свои кадри во власта. Но од друга страна секогаш е потребно да преземете дел и од одговорноста во власта. Да почекаме и да го видиме конечниот епилог“, рече Димитриевски одговарајќи на новинарски прашања.
Здравство, правда и култура топ три министерства за политички пазар
Реконструкциите не се ништо ново и ретко за македонските влади, а честата смена на министри влијае негативно и на интегритетот на самите институции, но и на проектите и реформите во разни ресори, сметаат дел од експертите. Податоците за промена на министри, на пример, покажува дека во дел од ресорите во просек еден министер не се задржал ниту по две години.
Здравство, правда и култура во јавноста често се посочуваат како „топ три“ министерства за политички пазар при составување владини коалиции, поради нивната институционална тежина и директното влијание врз јавноста.
Министерството за правда е клучно за европските интеграции, бидејќи токму таму се носат и спроведуваат најважните реформи поврзани со владеењето на правото, судството и усогласувањето со ЕУ-стандардите. На министерската фотелја во изминативе 35 години седнале рекорден број министри. Најавениот нов министер Шасовари ќе го носи дресот со број 20. Негова задача ќе биде да го реформира правниот систем во земјава.
Негови претходници беа Филков од ЗНАМ кој ретко се појавуваше во јавноста, а претходно Кренар Лога магистер по дипломатија и дипломиран правник од редовите на Алтернатива за Албанците. На ова столче низ годините седнаа професори на Правен факултет, членови на МАНУ, судии и адвокати. Во просек министрите за правда во овие 3 децении на функција се задржувале околу две години. Најдолго време поминато во министерството за правда забележува само поранешниот министер од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски чиј мандат изнесувал 5 години, додека најкраток мандат од една година имал Билен Саљији од ДУИ.
Зошто министерското столче во правда е примамливо ?
Министерството за правда по правило има помал број на класични јавни набавки, бидејќи дел од неговите функции се нормативни и институционално-правни. Но, затоа Министерот има едно големо дискреционо овластување да дава разно разни лиценци за функции во правосудството како вештаци, извршители, нотари, има влијание врз затворскиот систем.
Досегашната практика на честа промена на министрите за правда укажува дека ниту една владина коалиција до сега нема воспоставен систем на континуитет во спроведување на клучните реформи во правосудството. На секои парламентарни избори се најавуваат сериозни промени во целокупниот правосуден систем, како што беше на пример, ветувањето за ветинг низ годиниве, кое никој до сега не го спроведе во пракса.
Министерството за култура ќе добие 18-ти министер по ред
Министерствата за култура и правда, исто така, се меѓу рекордерите по смената на министри.
Културата традиционално се гледа како помал, но симболично важен ресор во политичките договори. Од 1991 досега, во Култура имало 17 министри. Од нив само првиот бил независен, академик Цветан Грозданов, еден од најреномираните византолози на Балканот. Тој беше министер за култура во првата техничка влада во независна Македонија, а мандатот му траеше 18 и пол месеци. Речиси на сите мандатот им траел од една до две години, освен на министерката Елизабета Канческа-Милевска која раководеше со ресорот речиси 9 години. Најкус мандат имаше Љубен Пауновски – само 7 месеци. И двајцата беа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Алиу по втор пат ќе биде сменет од министерска позиција
Здравството, пак, е еден од највидливите ресори, бидејќи директно ги засега сите граѓани и затоа носи силен политички имиџ и јавна одговорност, што често го прави чувствително за политички поени. Актуелниот прв човек во Министерството за здравство, Азир Алиу, е 19-ти по ред министер од 1991 година кога државата прогласи независност. Во пресрет на реконструкцијата, министерот Алиу порача дека неговото евентуалното заминување не е лично прашање.
„Секој ден кога доаѓам на работа јас сум свесен дека може да е последен ден од политичка гледна точка…“, изјави Алиу.
Според него, вредноста е во резултатите, а не во должината на мандатот. Тој нагласи дека здравството останува чувствителен сектор од клучно значење.
Ако се извади просек, 19 смени за 35 години значи дека помалку од две години мандат за секој министер. Најдолго на функциите таму се задржале Никола Тодоров (ВМРО-ДПМНЕ) и Венко Филипче (СДСМ) по шест, односно пет години.
Актуелниот Алиу е министер од јуни годинава, а со неговото име веќе се лицитира како едно од оние што би биле сменети во реконструкција на Владата.
Дополнително, овие министерства во изминатите децении бележат и рекордна фреквенција на промени на министри, што дополнително ја засилува перцепцијата дека се дел од политичката распределба на моќ.


