Фетаи поднесе оставка од функцијата вицепремиер за добро владеење

Објавено:

Вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, поднесе оставка од својата функција. Тој во јавно обраќање на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека му ја доставил оставката на премиерот Христијан Мицкоски. Фетаи напиша дека одлуката е донесена внимателно и произлегува од неговото убедување дека во актуелните околности тоа е правилен и достоинствен чекор.

Според напишаното, Фетаи оцени дека за време на неговиот мандат придонел за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.

„Дали сум целосно задоволен од она што го постигнавме? Секако дека не. Секогаш има простор за повеќе, за подобро и за побрзо. Но, дали работев со најголема посветеност за да поставам здрави темели врз кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да.
Заминувам со крената глава и чиста совест“, е наведено во неговата објава.

Во писмото со оставката кое го објави на Фејсбук, Фетаи не ги наведува конкретните причини за напуштањето на функцијата.

„Сепак, во сегашните околности, сметам дека повеќе не постојат неопходни услови за оваа функција, да ја извршувам со потребна ефикасност. Од тие причини одлучив да се повлечам од должноста, со уверување дека ова е најисправна одлука, пишува во писмото доставено до Владата.

Фетаи, неколку месеци не оди на владини седници. За него Мицкоски изјави дека самиот рекол оти повеќе не се гледа во овој владин состав и ќе се врати во Брисел од каде што дојде за да биде вицепремиер.

Оставката доаѓа на еден ден откако владејачката ВЛЕН, која неодамна од коалиција официјално прерасна во партија, ја одржа првата седница на Централното собрание и токму реконструкцијата била една од точките за дискусија.

Реконструкцијата на Владата треба да се случи во јуни. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно изјави дека очекува во мај да заврши со промените во внатрепартиските структури, а потоа да се посвети на владината реконструкција.

Од третиот партнер во Владата – ЗНАМ минатата недела за Колегиум.мк брифираа дека се задоволни од двајцата нивни министри – Игор Филков за правда и Горан Минчев за јавна администрација, како и од замениците што ги имаат.

Како што е познато, она што е извесно е дека од позициите ќе заминат двајца од актуелните министри кои во функционерското столче седнаа како кадри на ВЛЕН.

Изминатиов период гласни беа и шпекулациите дека ВЛЕН ќе бара промена и на Фатмир Лимани, кој не е дел од оваа партија. ВЛЕН првично беше коалиција меѓу партиите Беса на Билал Касами, Демократското движење на Изет Меџити, Алтернатива предводена од Беким Сали, како и дел од крилата на Алијанса на Албанците.

Коалицијата на почетокот на мај и формално стана една партија, а Лимани не е дел од неа, што и претходно беше најавено. Касами, кој сега е еден од ко-претседателите, во јавен настап претходно кажа дека тие по сопствена желба нема да бидат дел од партијата.

Со неколку имиња за заминување од Владата, покрај за функционерите од ВЛЕН, досега во повеќе наврати се споменуваа и министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно, гласини и лицитации со сценарија има и за евентуални предвремени избори во 2027 година наместо редовни во 2028.

Актуелната Влада беше избрана на крајот на јуни 2024 откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните избори што се одржаа во мај истата година. Во неа вкупно 23 вицепремиери и министри, плус премиерот Христијан Мицкоски. Евентуалната реконструкција ќе дојде на половина од четиригодишниот мандат.

Во изминативе две години тројца министри си заминаа. Прв местото на Илинденска бр. 2 го испразни Арбен Таравари, кој беше министер за здравство кој на позицијата не издржа ниту една година. Си даде оставка во мај лани по недоразбирањата со коалициските партнери во ВЛЕН во пресрет на локалните избори. Неговото место го пополни Азир Алиу.

 По локалните избори што се одржаа во октомври и ноември 2025 министерските позиции ги напуштија и Изет Меџити кој беше прв вицепремиер и министер за животна средина и Орхан Муртезани кој го предводеше Министерството за европски прашања. Меџити замина бидејќи стана градоначалник на Чаир, додека Муртезани беше разрешен по внатрепартиската поделба на функциите во ВРЕДИ. На нивно место дојдоа Беким Сали како нов вицепремиер и министер за европски прашања и Мухамед Хоџа во ресорот за животна средина.